Кристина Е. Крамер и Роли Грау се добитници на интернационалната награда „Драги“

Грау и Крамер создале превод што на извонреден начин ја спојува поетската инспирација со филолошката прецизност. Критичарите го истакнуваат нивното мајсторство да ја пренесат целата лепеза на поетските изрази на Шопов – од космичките визии на душата до интимната еротика, од документарната острина во набљудувањето на природата до топлината на татковската грижа.

Добитници на меѓународната награда „Драги“ 2025 за најзначаен превод на книжевно дело од македонски автор се Кристина Е. Крамер и Роли Грау, за преводот од македонски на англиски јазик на книгата Долго доаѓање на огнот од Ацо Шопов.

 Преводот на репрезентативниот избор од поезијата на Ацо Шопов (The Long Coming of the Fire),беше објавен во 2023 година од американската издавачка куќа “Deep Vellum”, по повод одбележување на стогодишнината од раѓањето на авторот и  претставува културен и книжевен настан од прв ред во афирмацијата на македонската литература надвор од нејзините национални граници. Со овој превод, делото на еден од најголемите македонски поети конечно доби рамноправно место во англофонскиот свет, каде што досега беше речиси непознато.

Грау и Крамер создале превод што на извонреден начин ја спојува поетската инспирација со филолошката прецизност. Критичарите го истакнуваат нивното мајсторство да ја пренесат целата лепеза на поетските изрази на Шопов – од космичките визии на душата до интимната еротика, од документарната острина во набљудувањето на природата до топлината на татковската грижа.

Преводот доживеа импресивна рецепција, јавни презентации во Париз (UNESCO, INALCO), во Македонија (Струшки вечери на поезијата), во Токио, Торонто и други центри, како и бројни рецензии и критики во САД, Канада и Европа, а од страна на EuropeNow беше избран за една од „Омилените книги во превод за 2023 година“. Надвор од доменот на книжевноста, преводот инспирираше современи музички композиции на канадскиот композитор Мајкл Спиров, што претставува ретка и значајна форма на културна рецепција.

Tокму затоа, преводот на Грау и Крамер е достоен добитник на интернационалната награда ДРАГИ за најзначаен превод на книга од македонски автор на странски јазик. Доделувањето на интернационалната награда „Драги“ првпат ќе се случи во Охрид, на 11 септември од 11.30 ч. во Конгресниот центар на УКИМ, а во рамки на XII. македонско-северноамериканска конференција за македонистика.

Кристина Е. Крамер е професорка по лингвистика и славистика на Универзитетот во Торонто, Канада, како и надворешен член на МАНУ од 2009 година. Повеќе од три децении македонскиот јазик е во фокусот на нејзините најтесни академски интереси.

Крамер е интензивно посветена и на книжевно преведување. Oд македонски јазик има преведено дела од Гоце Смилевски, Петар Андоновски, Лидија Димковска и Луан Старова. Нејзиниот превод на романот Лето во кое те нема од Петар Андоновски беше закитен со наградата UK Pen Translates Award, а и преводите на Лидија Димковска и Гоце Смилевски биле во потесен избор за значајни награди. Искажа особено радост што ја добива наградата „Драги“.

 Роли Грау потекнува од Балтимор, САД, а од почетокот на 2000-тите живее во Љубљана, Словенија. Познат е како преведувач од словенечки на англиски јазик. Во 2021 година ја добил Лавриновата диплома за достигнувања во преводот која ја доделува Друштвото на словенечките книжевни преведувачи. Во 2023 година за првпат работел на преводи од македонски јазик, заедно со Кристина Е. Крамер.

Интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод од македонски на странски јазик ги зема предвид различните параметри при појава на одреден превод во друга културна средина. Пред сè – нивото на преводот, но и актуелноста, рецензиите, влијателноста, поттикнувањето интерес за авторот, препознатливоста, зголемувањето на интеркултурниот дијалог, итн. Со оваа награда трета година по ред се дава сериозен поттик за сите книжевни преведувачи од македонски јазик со голема внимателност да пристапуваат кон преводот на македонската литература и почесто да се решаваат делата на нашите автори да се најдат во понудата на издавачките куќи од Европа и од светот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни