Интер и ПСЖ вечерва во историско финале на Лигата на шампионите во Минхен

Ова е првпат по 21 година финалето на Лигата на шампиони да се одигра без учество на англиски, шпански или германски клуб

Фудбалска Европа вечерва ќе биде сведок на епско финале во Лигата на шампионите, каде што ПСЖ и Интер Милано ќе се соочат на „Алијанц Арена“ во Минхен со почеток во 21:00 часот.

Ова е првпат по 21 година финалето да се одигра без учество на англиски, шпански или германски клуб, што дополнително ја зголемува драмата на овој натпревар.

ПСЖ во лов на првата европска круна

Парижаните, предводени од Луис Енрике, се надеваат дека конечно ќе ја освојат својата прва титула во Лигата на шампионите. По освојувањето на Лига 1 и Купот на Франција, ПСЖ има шанса за историска тројна круна. Во досегашниот тек од натпреварувањето, тие ги елиминираа Ливерпул, Астон Вила и Арсенал, покажувајќи зрелост и тимска хемија. Клучни играчи како Усман Дембеле, Хвича Кварачелија и Дезире Ду ќе бидат во фокусот на ова финале.

Интер со цел да ја врати европската слава

Интер, кој последен пат ја освои титулата во 2010 година, се враќа во финалето со надеж за нов триумф. Под водство на Симоне Инзаги, „нероаѕурите“ имаа импресивен пат до финалето, елиминирајќи ги Феенорд, Баерн Минхен и Барселона. Капитенот Лаутаро Мартинез, заедно со искусните Хакан Чалханоглу и Федерико Димарко, ќе бидат клучни фигури во обидот на Интер да ја врати европската слава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни