Интензивна промена на времето во Хрватска: студ, мраз и нов бран врнежи

Студениот бран продолжува, заедно со врнежи, појава на голомразица и влошени услови во сообраќајот

Хрватска и понатаму е под влијание на изразен студен бран, со многу ниски температури и зголемен ризик за здравјето на граѓаните, предупредуваат метеоролозите. Низ поголемиот дел од земјата времето е претежно облачно, а во некои делови на Горски Котар се измерени температури и до –9 степени Целзиусови. Во сила е предупредување од повисок степен издадено од Државниот хидрометеоролошки завод.

Според најавите, во наредните денови следува интензивна промена на времето, која ќе биде обележана со постепено зголемување и ширење на врнежите, појава на голомразица, засилување на јужниот ветер на Јадранот и снег во планинските предели.

Метеоролозите најавуваат дека во текот на денешниот ден, во поголем дел од земјата времето ќе остане суво, но исклучително студено. Во Далмација се очекуваат повремени слаби врнежи од дожд, особено во вториот дел од денот. Кон крајот на денот и во текот на ноќта, во јужна Лика и во внатрешноста на Далмација можно е појава на врнежи на граница меѓу дожд и снег, кои поради студената подлога може да замрзнуваат и да создадат опасни услови на патиштата.

Во источните делови на земјата, како Славонија, Барања и Срем, утринските температури се движат меѓу –10 и –7 степени, а дневните вредности остануваат под нулата. Во централна Хрватска времето ќе биде умерено до претежно облачно, со можност за магла во утринските и ноќните часови, кога ќе биде и најстудено.

Во Горска Хрватска температурите ќе останат под нулата во текот на целиот ден, со можност за повремено провејување на снег. На северниот Јадран ќе преовладува сончево време, но со многу силна бура. Во Далмација се очекува постепено зголемување на облачноста кон вечерните часови, додека умерената бура и источниот ветер ќе преминат во југо, кое особено ќе зајакнува на островите.

Во четврток и петок се очекуваат врнежи претежно долж Јадранот и во крајбрежните области, со можност за грмежи. Во внатрешноста и натаму постои ризик од мешани врнежи кои можат да замрзнуваат при контакт со тлото. Кон крајот на неделата, врнежите ќе се прошират и кон останатите делови од земјата, а во планинските области се очекува снег, додека студот постепено ќе слабее.

Метеоролозите предупредуваат дека комбинацијата од ниски температури, мешани врнежи, голомразица и засилен ветер ќе создаде тешки услови, особено во сообраќајот, и апелираат на зголемена претпазливост.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни