Институтот за македонска литература организира чествување на писателите Гане Тодоровски и Петре М. Андреевски

На 5 јуни (среда) 2024 година, во 12 часот, во амфитеатарот на ИМЈ, Институтот за македонска литература при УКИМ организира чествување на писателите Гане Тодоровски (по повод 95- годишнината од раѓањето) и Петре М. Андреевски (по повод 90-годишнината од раѓањето).

„Сосема е јасно дека индивидуите се сеќаваат во одреден социокултурен контекст, односно дека социокултурните контексти ги формираат сеќавањата и дека нема колективна културна меморија надвор од индивидуалното сеќавање. Во таа насока, литературната меморија што е репрезентирана во делата на Тодоровски и на Андреевски, за да биде делотворна, мора да биде актуализирана од членовите на една заедница за кој има значење таа. Без таквите актуализации, книгите не се ништо друго, туку мртов материјал и нема да имаат никакво влијание во општеството. Затоа, за нас е многу важно да се погрижиме значајните личности од македонската книжевна историја да станат важни и за младите генерации, па во таа насока, настојуваме да ги реализираме овие собири во интеракција со учениците од средните училишта“, вели проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева, претседателка на Организацискиот одбор.

Со поздравна реч, соборот ќе го отвори директорката на ИМЛ, проф. д-р Наташа Аврамовска. За научната дејност на Гане Тодоровски ќе говори проф. д-р Валентина Миронска-Христовска, за поезијата – проф. д-р Соња Стојменска-Елзесер, проф. д-р Наташа Аврамовска ќе ја претстави книжевната дејност на Петре М. Андреевски, а за романот „Пиреј“ ќе зборува проф. д-р Лорета Георгиевска-Јаковлева.

Најново

Последни колумни