Институционален молк, политичка калкулација и цената што жените ја плаќаат за учество во јавниот живот

Во  Македонија, од 80 општини, само две ги водат жени: Данела Арсовска во Скопје и Жаклина Јовановска во Старо Нагоричане, пишува Мета. Тоа ја прави оваа ситуација уште позначајна. Нападот врз една од тие две жени не е само личен напад — туку порака до сите други жени кои размислуваат да се кандидираат или да се вклучат во јавниот живот

Во  Македонија, од 80 општини, само две ги водат жени: Данела Арсовска во Скопје и Жаклина Јовановска во Старо Нагоричане. Тоа ја прави оваа ситуација уште позначајна. Нападот врз една од тие две жени не е само личен напад — туку порака до сите други жени кои размислуваат да се кандидираат или да се вклучат во јавниот живот. Ако жените што се на функција се оставени без заштита, без поддршка и без гласна осуда, тогаш жените во општеството добиваат јасна порака дека ова не е простор за нив.

Од ударите на терен до молкот на врвот на државата, случајот на скопската градоначалничка го отвора прашањето: Колку е безбедно жените да учествуваат во јавниот живот во Северна Македонија ?

Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, повторно се најде во фокусот на јавноста, откако на 11 јули 2025 година, беше физички и вербално нападната во населбата Чаир, додека спроведуваше службена контрола за отстранување на нелегална градба. Според нејзиното сведоштво, била удирана со тупаници и клоци, а ѝ биле упатени и брутални закани за силување и убиство на нејзиното семејство. Сето тоа во присуство на полициски службеници кои, како што таа изјави, не интервенирале.

Настанот, за кој веќе се води кривична постапка, предизвика широки реакции од страна на граѓанскиот сектор и неколку политички партии, и ги истакна длабоките родови, етнички и политички слабости што со години се користат како алатка за политичка манипулација и поларизација. Но, тој исто така потсети колку лесно се инструментализираат родот, етничката припадност и политичката моќ во систем што често не застанува на страната на жртвата.

Молк на врвот на државата

Иако настанот предизвика шок и осуда од голем број организации и активисти, клучните институции одбраа тишина или релативизирање. Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во телевизиско гостување го нарече инцидентот „циркус“ и „предизборен театар“. Премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ не излегоа со коментар.

Особено загрижувачка беше тишината на претседателката Гордана Силјановска-Давкова, првата жена на функцијата претседател на државата. Иако нејзината кампања беше заснована на ветувања за родова еднаквост и поддршка за учество на жените во јавниот живот, таа не изрази ниту солидарност, ниту институционална загриженост. За одредени политичари и бивши функционери, ова претставува прекршок на етиката и моралот, особено во момент кога една жена е нападната додека ја извршуваше својата јавна функција.

Родовата димензија на насилството

Овој инцидент е само последен во низата примери на говор на омраза насочен кон Арсовска, што започна уште од нејзината кандидатура во 2021 година и продолжува до денес. Честопати овој говор на омраза се манифестира како мизофинија, односно омаловажување и дисквалификација базирана на нејзиниот пол, како што може да се види во снимката на градоначалничката од случајот.

Во својата реакција, Националната мрежа против насилство врз жените и семејното насилство потсети на податоците од 2020 година:

  • 65% од жените во политика во Македонија доживеале некаква форма на насилство,
  • 62% од нив не го пријавиле, поради недоверба во институциите.

Насилството не смее да биде цената што жените ја плаќаат за учество во јавниот живот, стои во соопштението.

Етнички манипулации и политички профит

Настанот се случи во Чаир, општина со мнозинско албанско население, што беше доволно повторно да се отвори прашањето за меѓуетнички односи.

Партијата ВЛЕН, коалициски партнер на ВМРО-ДПМНЕ, го осуди нападот, но истовремено предупреди дека настанот се користи за создавање лажен наратив за етнички конфликт. Во нивната реакција се наведува и дека медиуми блиски до ДУИ и Левица ги користат и други инциденти — како тепачка меѓу млади во Тетово — за вештачко вжештување на етничките тензии.

Во минатото, говорот на омраза насочен кон градоначалничката Данела Арсовска често се поврзувал со шпекулации за нејзиното државјанство, дополнително поттикнати од етничките тензии во државата. По последниот напад врз Арсовска, бугарскиот европратеник Андреј Ковачев изрази „сериозна загриженост“ и на социјалните мрежи објави дека таа е бугарска државјанка, барајќи од бугарските институции да ѝ обезбедат правна и морална заштита.

Но таа јавно ги демантираше ваквите наводи, објаснувајќи дека поседува само македонско и чешко државјанство, не и бугарско, како што се тврди.

Правна постапка и институционална одговорност

Основното јавно обвинителство Скопје ги демантираше наводите на министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски кој сугерираше дека градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, можеби самата го предизвикала инцидентот во Чаир.

Соопшти дека е покрена кривична постапка против две лица за кривично дело „Насилство“ по член 386, став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик. Првиот осомничен, кој се претставил како сопственик на дивоградба, прво вербално ја навредувал и ѝ се заканувал на градоначалничката Данела Арсовска, а потоа ја нападнал физички. Вториот осомничен се приклучил со вербални закани, дополнително ескалирајќи ја ситуацијата.

Инцидентот се случил за време на вонредна теренска контрола во присуство на полициски службеници и вработени од Град Скопје.

За првиот осомничен обвинителството побарало притвор, додека за вториот се предложени превентивни мерки, вклучително забрана за приближување, одземање на патна исправа и редовно пријавување во суд.

Министерството за внатрешни работи дополнително соопшти дека, по безбедносна проценка од Агенцијата за национална безбедност, градоначалничката Арсовска ќе добие 24-часовно полициско обезбедување, со што се потврдува дека нејзината безбедност е реално загрозена.

Само две жени-градоначалнички во цела држава 

Во  Македонија, од 80 општини, само две ги водат жени: Данела Арсовска во Скопје и Жаклина Јовановска во Старо Нагоричане. Тоа ја прави оваа ситуација уште позначајна. Нападот врз една од тие две жени не е само личен напад — туку порака до сите други жени кои размислуваат да се кандидираат или да се вклучат во јавниот живот.

Ако жените што се на функција се оставени без заштита, без поддршка и без гласна осуда, тогаш жените во општеството добиваат јасна порака дека ова не е простор за нив.

Говорот на омраза е казнив според закон, согласно член 319 од Кривичниот законик, но кога не се санкционира – станува опасен.

Неговото толерирање отвора врата за ескалација во реално насилство. Особено кога е насочен кон жени во јавниот живот, неказнетиот говор на омраза ги охрабрува насилниците и ја продлабочува културата на неказнивост.

Пишуваат: Фјола Златку, Деспина Ковачевска

Извор: https://meta.mk/institucionalen-molk-politichka-kalkulacija-i-cenata-shto-zhenite-ja-plakjaat-za-uchestvo-vo-javniot-zhivot/

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни