ИНСТАЛАЦИИ НА МИРЧЕВСКА И АЛЕКСОВСКИ – „СЕГАШНО МИНАТО“ НА ГЕТЕ – ИНСТИТУТИТЕ ОД ЈУГОИСТОЧНА ЕВРОПА

На 13 октомври, во 17 часот, во кафе – книжарницата „Буква“ во центарот на Скопје под менторство на познатиот уметник Ѓорѓе Јовановиќ ќе биде промовиран проектот „Сегашно минато“/Present Past. Со уметнички инсталации ќе се претстават македонските уметници Ивана Мирчевска и Дарко Алексовски. На еднодневниот настан предвидена е и музичка изведба и учество на двајца млади актери.

Настанот е дел од регионален проект на Гете-институтите од Југоисточна Европа. Се состои од три „модули“ и конечно обединување, а проектот „Сегашно минато“ како еден од модулите е координиран од Гете-институтот во Хрватска, во соработка со Гете-институтите од Белград, Сараево и Скопје.

Уметничката инсталација „Daydream Concrete Utopia“ на Алексовски е интервенција во јавен простор, измислен наратив со низа измислени знамиња како јавни знаци за непозна утопија. Уметникот ја истражува врската помеѓу јавните простори и симболи, а знамињата како означувачи на замислено место се субверзивен обид да се преиспита како се паметат местата и дали се забораваат, како се замислуваат или остануваат нешто непознато, нешто кон кое можеме само да се стремиме.
Интерактивната јавна скулптура „Gossips on the futurе“ на Мирчевска, се состои од цилиндричен објект (зоотроп) во кој се поставени слики. Брзото вртење на сликите создава илузија на континуирано движење на пејзажот. Авторката прави обид да креира собирен простор за локалната заедница и со тоа да стимулира нови форми на социјална кореографија.
Преку различни уметнички формати, „Сегашно минато“ ги разгледува културните и политичките односи во дел од поранешните југословенски држави: Босна и Херцеговина, Хрватска, Северна Македонија и Србија. Замислен е како низа уметнички реакции на тема сегашност/минато, кои се инспирираат и надополнуваат, создавајќи верижна реакција.
Во секоја земја работилниците се организираат под менторство на докажани автори. Па така во Република Северна Македонија уметничка работилница е под менторство на Јовановиќ, во Босна и Херцеговина се реализира работилница за фотографија со фотографот Зијах Гафиќ, во Хрватска работилница за раскази со писателот Зоран Жмириќ и во Србија работилница за стрип со Саша Ракезиќ – Зограф.Проектот се занимава со транзицијата на просторот на поранешна Југославија и нејзиниот одраз во културата, како и со широкиот и често стереотипизиран концепт на Балканот Земјите од Југославија имаат долга заедничка историја, а процесите на транзиција различно се манифестираат од деведестите години до денес. Со растојание од триесет години, сè уште чувствувајќи ги последиците од тие големи промени, се отвора дијалог да се истражи блиската врска помеѓу минатото и сегашноста.
Проектот „Сегашно минато“ го истражува нашето разбирање за минатото и поврзаноста меѓу земјите од поранешна Југославија преку уметнички работилници и меѓусебна соработката. Целта на работилниците е да се размислува за транзицијата, која се случи во секоја од земјите, во секој аспект од неа: социјален, економски, интелектуален и емоционален.Идејата е финалните дела создадени на работилниците да ги инспирираат учесниците за идни заеднички проекти.

Дарко Алексовски (1989) е визуелен уметник, чијашто уметничка практика се формира на пресекот помеѓу работата со слики и креативно пишување. Во оваа смисла тој работи на проекти во експериментални индивудуални и колективни рамки, преку кои се интересира за личните и колективните сеќавања, како и релациите кои тие ги формираат со различни физички и имагинарни простори. Дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а моментално живее и работи во Велес, Северна Македонија. Гостувал на уметнички резиденции во Виена, Франкфурт, Скопје, Линц, Сплит и Дубровник. Досега учествувал на групни меѓународни изложби во Хрватска, Австралија, Португалија, Јапонија, Србија, САД…

Ивана Мирчевска (1992) е визуелна уметница и истражувачка, која живее и работи во Скопје и работи на подвижни слики, текст, звук и инсталација. Истражувањето на Ивана е насочено кон теми кои произлегуваат од пресекот помеѓу технологиите на визуализацијата и просторната конфигурација на погледот и телото. Дипломирала на отсекот сликарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а магистрирала Визуелни уметности на Академијата „Accademia di Belle Arti di Brera“ во Милано, Италија.
Преземајќи активна улога на независната и експериментална уметничка сцена во земјава, Ивана е една од коосновачите и кураторка на фестивалот „Underground is Easier to Breathe Festival“- платформа за ефемерни и експериментални уметнички практики курирана од Кула колектив (Kula Collective) од Скопје. Нејзините уметнички практики досега се прикажани во МСУ – Скопје, КСП Центар Јадро, галерија Ко-Ра и во земјите Швајцарија, САД, Србија, Италија, Хрватска…

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни