Два месеци по лансирањето на ТВ апликацијата за уредите Amazon Fire, Instagram официјално објави дека апликацијата ќе биде достапна и на уредите со Google TV. Со ова, корисниците ќе можат да скролаат и да гледаат Reels директно на големиот екран во својата дневна соба.
Лансирањето го потврди извршниот директор на Instagram, Adam Mosseri, преку објава на платформата Threads. Тој нагласи дека не станува збор за мал експеримент, туку за сериозен чекор со кој телевизорите се позиционираат како важна платформа за консумирање кратки видеа, а не само спореден канал.
Како и мобилната верзија, ТВ апликацијата нуди персонализирано искуство. Содржината што се прикажува е базирана на претходната активност на корисникот, а видеата се групирани во канали како музика, спорт, патувања, готвење, комедија, lifestyle и вирални видеа. Репродукцијата е автоматска, а навигацијата наликува на постојано „префрлање канали“, но со значително пократки видеа.
Апликацијата овозможува лајкување и споделување видеа директно од телевизор, а на еден уред може да се додадат до пет профили – практично решение за семејствата. Можно е и отворање посебна сметка наменета исклучиво за гледање содржина на ТВ.
Сепак, има и ограничување: во првата фаза апликацијата ќе биде достапна само во САД. Останатите пазари ќе треба да почекаат на дополнителни најави.
Со овој потег Instagram директно влегува во конкуренција со YouTube, кој веќе доминира на телевизорите, како и со TikTok, кој исто така има ТВ апликација. Очигледно е дека борбата за вниманието на корисниците повеќе не се води само на мобилните телефони – туку и на големиот екран во дневната соба.