Инстаграм-кампања: Граѓани повикуваат на пријавување на Томпсон до хрватското обвинителство

На социјалната мрежа Инстаграм неодамна започна кампања со која граѓаните се повикуваат да го пријават пејачот Марко Перковиќ Томпсон до Државното обвинителство на Република Хрватска (DORH).

Повод за иницијативата е неговиот настап на концерт на хиподромот во Загреб, каде што, според организаторите на кампањата, Томпсон ја испеал песната „Бојна Чавоглаве“, во која експлицитно се користи усташкиот поздрав „За дом спремни“.

Концертот го посетиле околу 500.000 луѓе, а иницијаторите тврдат дека институциите не реагирале бидејќи досега немало поднесена официјална пријава. Токму затоа, подготвиле унапред подготвен образец за пријава, кој граѓаните можат анонимно да го испратат до обвинителството.

Во нивната објава стои:
„Те вознемирува тоа што во сред Загреб се извикува ‘ЗДС’? Те чуди што институциите молчат? Пријави го ти – образецот е подготвен, доволно е да го испратиш до DORH.”

Како правен основ за пријавите се повикуваат на пресудата на Високиот прекршочен суд од февруари 2024 година (PPŽ-1387/2024), со која употребата на поздравот „За дом спремни“ е прогласена за прекршок против јавниот ред и мир.

Реакциите на социјалните мрежи не изостанаа – јавноста е длабоко поделена. Едни ја поддржуваат иницијативата како чин на граѓанска одговорност, додека други ја сметаат за политички мотивирана и селективна.

Еден корисник напиша:
„Ако веќе повикувате на пријави, зошто никој не бара дистанцирање од сите тоталитарни режими? SDP и Možemo сè уште не се оградија од комунизмот.“

Друг коментираше:
„Ова е вознемирувачки. Луѓе користат демократски алатки за да работат против сопствената држава. Не ја нарекуваат татковина, туку држава. Знаковито.“

Иако јавниот интерес е голем, од Државното обвинителство на Хрватска засега нема официјална реакција. Но, дебатата на социјалните мрежи сè уште не стивнува.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни