Во секојдневието постои едно непишано правило, а тоа е дека луѓето сакаат да го „пикаат“ носот каде што не му е место. Најчесто тоа е поврзано со критикување на животите на другите, било од завист или од лажна оправданост. Ваквата пракса не е непозната за парот Алиша и Скот.
Нивната „борба“ со луѓето за нивната љубовна врска, само поради разликата помеѓу нивниот изглед, на крај решиле да ја претворат во инспиративна приказна. Алиша и Скот одлучија да ја споделуваат својата среќа на социјалните мрежи за да им покажат на сите во светот дека физичкиот изглед е најмалку важен кога навистина сакате некого.

Алиша Мекарвел стана многу популарна на социјалните мрежи благодарение на комичните видеа и фотографии за парови. На тој начин, низ тие содржини, Алиша ги промовира самодовербата и позитивниот поглед кон самите себе си, без разлика како изгледаме. Иако има милиони следбеници кои и се восхитуваат и ги следат нејзините авантури, вистината е дека и таа добива многу критики и навредливи коментари за нејзиниот изглед и врската со мускулестиот Скот.

Целата авантура на социјалните мрежи започнала откако овој пар споделил видео од нивните трансформации кои ги постигнале преку облеката. Најпрвин се појавиле само со пешкири, кои ги покриваат интимните делови од телото, а потоа се пресоблекле во официјална облека.
Лавината од коментари не стивнувала поради нивните физички разлики. За жал, голем дел од луѓето коментирале во стилот дека Скот е со Алиша сигурно поради пари и слично, а не дека вистински ја сака. Имало и коментари од типот дека нема смисла да се заедно, бидејќи Скот има мускулест изглед, тренира во теретана, додека Алиша е гојазна и непривлечна.

Сепак нивната љубовна приказна е многу поразлична од тоа што изгледа на прв момент. Нивната љубовна приказна започнала многу одамна, уште во основно училиште и трае веќе 16 години. Низ својата љубовна авантура тие поминале долг пат на подеми и падови, но секогаш се поддржувале еден со друг. По деценија и половина љубовна врска ја крунисале со брак. Токму тогаш мислеле дека голем дел од работите кои ги сакаат се завршени, но тогаш се случиле перипетиите во нивниот живот, а со тоа станале и активни инфлуенсери.

Алиша признала дека кога ја изгубила работата и била на животен крстопат, нејзиниот сопруг станал нејзина најголема поддршка, подготвен да направи се што е потребно за да се пронајде себеси и да ги оствари своите соништа. И така се родила идејата да објавуваат смешни видеа од нивниот живот како пар.
Во една прилика Алиша признала дека преку социјалните мрежи, од илјадниците следбеници, научила дека не треба да размислува стереотипно како и останатите. Пред да започне да се занимава со инфлуенсерство и самата таа размислувала исто како и другите луѓе, чувствувајќи дека не ја заслужува љубовта на Скот, „Мислев дека ако не се сакам себеси, како би можела да му се допаднам?“.
Алиша исто така со своите следбеници споделила и одговор на едно од најчестите прашања што го добива, дали се чувствува љубоморна поради вниманието што го добива Скот. Канаѓанката потврдила дека се чувствува многу самоуверена во својот брак, па и кога биле во врска, бидејќи знае дека нејзиниот сопруг го цени нејзиниот хумор, посветеност и огромно срце, кои немаат апсолутно никаква врска со нејзиниот изглед.

Алиша ги охрабрува луѓето да гледаат подалеку од физичкиот изглед и да ги пронајдат квалитетите што навистина ги прават луѓето тоа што се. Инфлуенсерката смета дека општеството премногу ги цени стандардите за убавина, бидејќи тоа е нешто што сме го стекнале со текот на годините. Сепак, таа потенцира на фактот дека промените секогаш се можни, но најважно е да се урнат предрасудите.