„Inside Out 2“ стана филм со најголема заработка годинава по само два викенда во кината

Фото: Disney

 „Inside Out 2“, анимираниот филм на Пиксар, кој ја враќа публиката во мозокот на Рајли и нејзините емоции како тинејџерка, заработи 728,6 милиони долари од кината низ светот само два викенди по неговото објавување.

Тоа значи дека по само два викенда, „Inside Out 2“ стана филмот со најголема заработка оваа година. Во САД филмот заработи 101 милион во вториот викенд, со што стана седмиот филм во историјата кој заработил над 100 милиони долари во вториот викенд од прикажувањето. Падот во заработката споредено со првиот викенд е 35%.

Тоа е исто така и најдобар резултат во вториот викенд за анимиран филм и втор најмал пад на заработката од било кој филм кој во првиот викенд заработил над 150 милиони долари.

„Inside Out 2“ исто така е добро прифатен и од критичарите. Тој има оценка „Гарантирно свежо“ на Rotten Tomatoes, а критичарите ги фалат визуелните ефекти, кастингот и интересниот начин на раскажување на приказната. Има и „A“ оценка на CinemaScore, како и 96% од публиката на Rotten Tomatoes.

Режисерот Келси Ман вели дека ја прифатил задачата да го режира „Inside Out 2“, бидејќи сметал дека има што уште да се каже во оваа приказна.

„На крајот на првиот филм, Џој ја прашува публиката едно прашање. Таа вели ‘сега Рајли има 12 години, што може да се случи следно?’. Епа јас сакав да го одговорам тоа прашање“ вели Ман.

Тој додава дека со овој филм сака да им помогне на тинејџерите полесно да се носат со емоциите, додавајќи емоција „анксиозност“.

„Голем дел од филмот е обид да се поврзам со самиот себе како тинејџер и сите промени низ кои поминав тогаш“ вели Ман.

Најново

Последни колумни