За денеска во 11 часо пред македонскиот Парламент е закажан собир од страна на иницијативата “Кој е следен“. Организаторите повикуваат на масовно присуство, нагласувајќи дека граѓаните ќе имаат можност јавно да ги изнесат своите ставови, критики и барања преку отворен микрофон.
– „Кога заминуваат тие на одмор, ние доаѓаме пред Собранието. Демократијата не оди на пауза. Не затоа што немаме што да правиме туку затоа што имаме што да кажеме. Граѓаните ќе зборуваат, ќе критикуваат, ќе поддржуваат, ќе го кажат тоа што тлее предолго – велат од „Кој е следен?“.
Секој граѓанин што ќе посака, ќе може јавно да го изнесе своето мислење околу барањата или да сподели генерален став за моменталната состојба.
– Ова е простор за гласот што не сакаат да го слушаат. Ова е твојот простор. Наш простор. Се гледаме пред Собранието. Настанот ќе трае додека има граѓани што сакаат да бидат слушнати. Ако имаш што да кажеш — подготви го дома и кажи го пред сите. Не чекај да те повикаат. Нека биде ова твојот повик! – порачаа од граѓанското движење.
Од Министерството за внатрешни работи вчера информираа дека поради одржување на протест пред Собранието, Единицата за безбедност на патниот сообраќај со почеток во 11 часот ќе преземе мерки за посебен режим на сообраќајот во централното градско подрачје на град Скопје.
Оттаму апелираа до сите граѓани учесници во сообраќајот да се почитуваат наредбите кои ќе ги даваат полициските службеници.
Од Иницијативата „Кој е следен“ вчера преку соопштение се оградија од политичките партии.
Последниот протестен марш на Иницијативата „Кој е следен“ се одржа на 24 март под мотото „Не само како поединци, туку како заедница“.
Приоритетни барања на Иницијативата се безбедни улици и градови, неселективен и правичен систем и едуцирана младина со морален компас во вистинската насока.