Литванскиот Парламент денеска ја потврди Инга Ругиниене од Социјалдемократската партија за нов премиер, по оставката на поранешниот премиер во јули поради истрага за можни финансиски злоупотреби.
– Мојата најголема желба е повторно да застанам пред вас на крајот од мандатот и да кажам дека заедно постигнавме нешто важно, изјави пред пратениците Ругиниене, поранешна синдикална лидерка и министерка за социјална сигурност.
Таа има рок од 15 дена да ја поднесе програмата на владата на гласање во парламентот. Новата премиерка најави дека ќе ја продолжи поддршката за Украина, ќе работи на намалување на нееднаквостите и ќе инвестира во одбраната.
Претходникот Гинтаутас Палуцкас поднесе оставка поради истрага за потенцијални финансиски криминали поврзани со неговите компании.
Додека Парламентот гласаше за новата влада, неколку илјади граѓани протестираа во Вилнус. Организаторите обвинија дека во новиот кабинет има „политичари кои се против санкциите кон Русија и Белорусија и идеолози против вакцините“.
Владата на Ругиниене ја поддржува коалиција составена од Социјалдемократската партија, популистичкото движење „Зората на Неман“, Земјоделскиот сојуз и Зелените, Изборното движење на Литванските Полјаци – Сојуз на христијански семејства, како и независни пратеници.
Литванскиот претседател Гитанас Науседа даде поддршка за новата влада, иако предупреди дека вклучувањето на „Зората на Неман“ било „грешка – тешка за избегнување“.