Инфјужн го разбуди Скопје: Културата е за сите, не само за избраните

Инфјужн – фестивалот на инклузијата, пристапноста и културната разновидност, овие денови ја исполни скопската културна сцена со енергија, движење и пораки што остануваат длабоко во свеста. Со амбиција да ја отвори културата за сите, без исклучок, фестивалот понуди уникатна програма која ги надминува физичките, комуникациските и менталните бариери. Од театарски претстави до инклузивни работилници и современи танцови изведби, Инфјужн уште еднаш докажа дека културата е најмоќна кога е достапна за сите.

Разговараме со организаторот на фестивалот, Гере Трипков, за идејата зад Инфјужн и зошто инклузијата не е луксуз, туку предуслов за едно праведно општество.

Инфјужн е повеќе од фестивал. Тој е културно движење, простор за средба, разбирање и заедничко создавање.

„Кога имате фестивал како Инфјужн, тогаш не зборуваме само за култура, туку за правото на секој човек да биде дел од неа. Целта ни е да ги опфатиме сите области од културно-уметничкиот живот и да ги вклучиме оние што често се заборавени – лицата со попреченост, маргинализираните групи, сите што имаат афинитети и желба, но немаат поддршка“, вели Трипков.

Годинава, фестивалот вклучи и хуманитарна компонента.

„Како хуманитарна организација, решивме од оваа година да преземеме повеќе одговорност за оние на кои најмногу им треба нашата поддршка. Почнавме со собирање донации, а идејата е тоа да стане традиција. Зошто да не се прошири фестивалот и во други градови? Инклузијата не познава граници.“

За Трипков, инклузијата е и лична и општествена борба:

„Во инклузивно општество, јас не треба да се грижам за нешта за кои другите не се грижат – како пристап до институции, архитектонски бариери, недостаток на толкувачи на знаковен јазик… Ние оваа година го адаптиравме Театар Комедија во целост за да биде пристапен за сите гости, вклучувајќи ги и оние од Германија.“

На прашањето што сака луѓето да понесат со себе од фестивалот, Трипков искрено одговара:

„Сакам да заминат инспирирани. Да сфатат дека сите сме дел од ова парче земја и дека имаме подеднаква одговорност – или ќе се придвижиме напред, или ќе останеме заглавени. Ако фестивалот ги поттикне да дејствуваат во нивната заедница, тогаш сме успеале.“

Инфјужн го отвори со атрактивниот танцов перформанс Skin на австралиско-германското дуо Рене Шадлер и Роланд Уолт – нежна, но моќна одисеја низ телото, движењето и различноста.

Рене Шадлер вели:

„Верувам дека танцот нуди многу начини да се изразиш. Идејата на Skin е дека телата се различни, убави и дека не постои само еден начин да се движиш. Танцот тука е игра – радосна, инклузивна, понекогаш и дива. Публиката можеби ќе си замине со ново чувство за сопственото тело и за телата на другите.“

Роланд Волтер додава:

„Се надевам дека луѓето ќе видат како различните тела можат да соработуваат, да создадат хармонија и да пронајдат нови начини на движење. Тоа е суштината на перформансот – заедништво преку телесност.“

Инфјужн е тука да нè потсети: уметноста не е само форма, туку и став. А кога тој став е инклузивност, тогаш уметноста станува навистина трансформативна. Скопје оваа недела не беше само публика – беше сцена, учесник и сведок на култура што не исклучува никого.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни