Инфрацрвена уметност во Скопје — хрватски уметници го претставуваат „сликарството на иднината“

Во „Мала станица“ ќе биде отворена изложбата InfraredArt – Уметност на иднината, која ја претставува најиновативната ликовна практика што ја спојува науката, технологијата и уметничкиот израз.

Во Националната галерија, во објектот „Мала станица“, вечерва ќе биде отворена групната изложба „Инфрацрвена уметност (InfraredArt) – Уметност на иднината“, која ја претставува најновата интердисциплинарна ликовна појава на хрватската уметничка сцена — визуелни дела кои истовремено содржат две различни слики: една видлива со голо око и една скриена во инфрацрвениот спектар.

Изложбата, која се реализира со поддршка на Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија и Министерството за култура и медиуми на Република Хрватска, ја кутира Санда Станаќев Бајзек и обединува осум истакнати автори: Дијана Назор Чорда, Ивана Ожетски, Марија Галиќ, Нада Жиљак, Јана Жиљак Гршиќ, Вилко Жиљак, Ивица Фиштер и Ивана Жиљак Станимировиќ.

Уметност што постои во два слоја — видливиот и скриениот

Според кураторката Станаќев Бајзек, InfraredArt претставува „нов ликовен израз што произлегува од длабоки научни и технолошки истражувања за светлината, бојата и перцепцијата“. Техниката се базира на различна апсорпција на светлината на 1000 nm, што ја прави сликата „дволична“ — визуелно читлива во дневна светлина, но со целосно друга приказна во инфрацрвеното подрачје.

Клучната фигура во развојот на оваа метода е д-р Вилко Жиљак, коавтор на пет патенти од областа на инфрацрвените бои и творец на концептот „слика во слика“, кој прв го применува во графиката. Токму неговиот научен тим ја создава методата INFRAREDESIGN, која првпат беше демонстрирана во 2008 година во Загреб, Женева и Москва.

Уметници што го поместуваат медиумот

Во изложбата учествуваат автори кои на различни начини ја истражуваат инфрацрвената димензија и ја трансформираат во нов визуелен јазик. Нада Жиљак, првата што ја примени инфрацрвената метода во сликарството уште во 2009 година, останува препознатлива по своите големи формати во кои технолошката прецизност се спојува со поетските мотиви и суптилните асоцијативни слоеви. Нејзините дела, истовремено видливи и скриени, го претвораат платното во двојна композиција што живее во два паралелни светови — за голото око и за инфрацрвениот спектар.

Дијана Назор Чорда го продлабочува истиот експеримент на полето на апстракцијата, истражувајќи ги односите меѓу примарните и секундарните бои и нивната реакција на светлина. Нејзините слики се „дволични“ визуелни структури во кои поривот за експеримент раѓа нови форми, симболи и скриени пораки кои се откриваат дури со инфрацрвена камера — создавајќи уметност што функционира како визуелна мистерија.

Ивана Ожетски, една од централните фигури во оваа поставка, ја развива идејата за сенката како основен мотив кој се менува, шири и добива ново значење во инфрацрвената верзија. Кај неа сенката не е само присуство или одраз — таа станува структура, знаковност, нов ликовен слој кој го открива она што е скриено, претворајќи го технолошкиот процес во емоционална и естетска надградба.

Марија Галиќ, од друга страна, отвора сосема различен пристап — нејзините инфрацрвени цртежи со туш и експресивни колорити го истражуваат телото, еротиката и интимноста во длабочина што ја преминува видливата површина. Во инфрацрвената димензија тие мотиви добиваат нова интензивност, дополнителен слој што се појавува како тајна насликана под самата кожа на сликата.

Ивица Фиштер, една од најзначајните фигури на хрватската наивна уметност, се издвојува со фактот дека ја создава првата инфрацрвена слика на стакло во светот — ремек-дело што ја спојува традиционалната техника на масло на стакло со авангардната технологија на двојна визуелна композиција.

Презентација и филм: „Боите надвор од видливото“

Во рамките на програмата, на 26 ноември (среда) во 19 часот ќе се одржи јавна презентација на Ивана Ожетски под наслов „InfraredArt — перцепција на бои надвор од видливиот спектар“, проследена со филм посветен на инфрацрвеното сликарство.

Настанот ќе понуди можност за директно запознавање со техничките и научните аспекти на InfraredArt, кои остануваат речиси невидливи за пошироката јавност, но се клучни за разборување на двојната структура на делата.

Нова уметност за новото време

InfraredArt не е само технолошка демонстрација — туку нова уметничка филозофија, која поставува прашања за перцепцијата, видливоста и иднината на сликата. Со комбинирање на научна иновација, ликовна традиција и експеримент, оваа практика отвора сосема ново поле за современата уметност.

Изложбата е отворена за публиката од 25 ноември во „Мала станица“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни