Инфлацијата во еврозоната во декември падна на 2 проценти, додека растот на цените на услугите забави од 3,5 на 3,4 проценти. Економистите веруваат дека ова би можело да ги олесни трошоците за живот и да влијае на идните одлуки на ЕЦБ за каматните стапки.
Според прелиминарните податоци на Евростат, инфлацијата во еврозоната во декември падна на два проценти. Економистите очекуваа пад на ова ниво, откако инфлацијата беше 2,1 процент во ноември.
Основната инфлација, која ги исклучува волатилните ставки како што се храната, енергијата, алкохолот и цигарите, малку се намали од 2,4 проценти во ноември на 2,3 проценти во декември, објавува Momentum.
Растот на цените на услугите исто така забави, од 3,5 проценти во ноември на 3,4 проценти во декември, што укажува на мало „ладење“ на трошоците за живот.
Европската централна банка (ЕЦБ) ја задржа депозитната стапка на 2,0 проценти четврти месец по ред, откако претходно ја намали каматната стапка од 4,0 проценти во јуни, со што заврши интензивниот циклус на намалување на клучните стапки.
ЕЦБ во декември нагласи дека „циклусот на намалување на каматните стапки се ближи кон крајот или веќе е завршен“, но дека конечната одлука за каматната стапка ќе зависи од идните макроекономски податоци и ќе се носи на секој состанок посебно.
