Економските експерти бараат конкретни мерки од Владата за справување со инфлаторниот притисок и нафтениот шок. Според нив, кризата има потенцијал дополнително да ја зголеми инфлацијата и да го влоши животниот стандард.
Македонија се соочува со инфлаторен притисок и нафтен шок кој, според експертите, е посилен од кризата во 2022 година. На тркалезна маса посветена на улогата на пазарот и државата, економистите предупредија дека досегашните мерки се недоволни и задоцнети.
Според нив, намалувањето на акцизите би имало директен ефект врз цените на горивата, додека засилената антимонополска контрола и инспекциски надзор би спречиле вештачко зголемување на цените.
Експертите потенцираат дека нема индикации за брзо завршување на кризата и дека сегашниот нафтен шок има потенцијал трипати да ја зголеми инфлацијата.
Инфлацијата веќе се смета за хронична појава, која постепено го намалува животниот стандард. Во наредниот период не се очекува нагло зголемување, туку континуиран, ползечки раст.
Академик Таки Фити истакна дека државата треба директно да интервенира во цените на нафтените деривати преку акцизите, наместо да се потпира само на ДДВ. Тој предупреди дека во услови на криза дел од компаниите се однесуваат монополистички, зголемувајќи ги цените без реална основа.
Според него, доколку ситуацијата се влоши, ќе биде потребно штедење во буџетот, ребаланс и намалување на непродуктивните трошоци.
Професорот Ванчо Узунов оцени дека инфлацијата веќе ги погодува најранливите категории, а постои ризик дополнителен број граѓани да западнат во сиромаштија. Тој смета дека Владата треба да донесе јасни и селективни мерки за поддршка, насочени кон оние кои најмногу се погодени.
Професорот Борче Треновски предупреди дека неизвесноста на глобалните пазари го отежнува економското планирање. Доколку цената на нафтата достигне 150 долари за барел, тоа би можело да го намали економскиот раст за 0,3 до 1 процентен поен.
Во моментот, институциите немаат нови проекции за раст, а сите проценки се прават со голема претпазливост поради глобалната неизвесност.