Инфлацијата во еврозоната забави поизразено во јануари 2026 година, покажуваат најновите податоци на Евростат, но растот на цените на свежата храна останува сериозен извор на загриженост за граѓаните. Годишната стапка на инфлација, мерена преку хармонизираниот индекс на потрошувачки цени (HICP), изнесува 1,7 проценти, што претставува најниско ниво од септември 2023 година.
На крајот од 2025 година, цените во еврозоната беа повисоки за 2,0 проценти во однос на истиот период една година претходно. Според податоците, забавувањето на инфлацијата во јануари главно се должи на остриот пад на цените на енергијата, кои беа за 4,1 процент пониски во споредба со истиот месец лани.
Наспроти поевтинувањето на енергијата, свежата храна во јануари поскапе за 4,4 проценти на годишно ниво, што е значително побрз раст во однос на декември, кога зголемувањето изнесуваше 3,5 проценти. Овој тренд е еден од клучните фактори што ја одржуваат перцепцијата на инфлациски притисок кај домаќинствата, и покрај формалното забавување на вкупната инфлација.
Цените на услугите во јануари пораснаа за 3,2 проценти, нешто побавно отколку во декември, додека т.н. базична инфлација (без енергија и свежа храна) изнесуваше 2,2 проценти, во споредба со 2,3 проценти еден месец претходно.
Месечната споредба покажува дека потрошувачките цени во еврозоната во јануари паднале за 0,5 проценти, по растот од 0,2 проценти во декември. И на месечно ниво, свежата храна повторно забележала најсилен раст, од 1,7 проценти.
Во исто време, цените на услугите се намалиле за 0,3 проценти, додека енергијата поскапела за 0,7 проценти во однос на декември, кога беше забележан пад.
Евростат информира дека методологијата за пресметка на инфлацијата е ажурирана со цел усогласување со меѓународните стандарди на Статистичката комисија на Обединетите нации. Новиот пристап појасно ги раздвојува добрата и услугите и воведува дополнителни категории, вклучително и трошоци за одржување, поправки, транспорт и лична нега.
И покрај падот на инфлацијата под два проценти, целта на Европска централна банка за стабилен раст на цените останува стапка од околу 2 проценти, што значи дека вниманието кон инфлациските движења и понатаму ќе биде високо.
