Годишната инфлација во еврозоната во јануари изнесува 1,7 проценти, што е пад во однос на декемвриските два проценти и најниско ниво во последните 16 месеци, соопшти Евростат.
Според објавените податоци, инфлацијата е во согласност со претходната прелиминарна проценка.
Намалувањето на инфлацијата беше проследено со зајакнување на еврото, кое кон крајот на месецот ја надмина границата од 1,2 долари, достигнувајќи највисока вредност во последните повеќе од четири години.
Растот на цените на услугите во еврозоната забави од 3,4 проценти на годишно ниво во декември на 3,2 проценти во јануари. Истовремено, цените на преработената храна, алкохолот и тутунот се намалија од 2,1 процент во декември на два проценти во јануари.
Податоците за инфлацијата ќе бидат важен сигнал за идните одлуки на Европската централна банка во однос на каматните стапки и монетарната политика во еврозоната.