Инекциите за слабеење можат да го подобрат расположението и позитивно да влијаат на менталното здравје, е заклучокот од најновото швајцарско истражување, пренесуваат денеска медиумите.
Научниците од Универзитетот во Берн исто така утврдиле дека инекциите што го потиснуваат апетитот го подобруваат квалитетот на живот повеќе од инсулинот и другите лекови против дијабетес, пишува „Гардијан“.
Истражувањето, кое беше претставено на Европскиот конгрес за дебелина во шпанскиот град Малага, исто така покажа дека користењето на овие инекции е безбедно и ефикасно и за лица кои земаат антидепресиви и лекови против психози.
Овие инекции припаѓаат на групата лекови познати како глукагон-сличен пептид 1 (GLP-1), кои го забавуваат варењето и го намалуваат апетитот.
Научниците утврдиле дека земањето на овие лекови, вклучувајќи го и семаглутидот, кој се продава под имињата „Оземпик“ или „Вегови“, не предизвикува ризик од појава на нови ментални заболувања.
И други студии исто така покажале дека овие медикаменти, напротив, го подобруваат менталното здравје и квалитетот на живот кај лица кои боледуваат од шизофренија, биполарно нарушување и други психички нарушувања.
„Овие резултати се особено важни за лицата со изразени ментални нарушувања, кај кои веројатноста за дебелина е трипати поголема отколку кај остатокот од популацијата“, изјави научничката Сигрид Брајт.
Како што додале научниците, овие медикаменти треба да се земаат само по рецепт и по консултација со лекар.