Индонезиско муслиманско метал трио: Музиката ни дозволува да бидеме вистинската верзија од себе

Кога членовите на целосно женското индонезиско метал трио Voice of Baceprot завршиле средно училиште биче на крстопат. Нивните родители сакале да бидат како останатите: имале притисок да влезат во договорени бракови и да живеат традиционални животи.

„Беше навистина тешко да им кажеме не на нашите родители кога ни рекоа дека треба да стапиме во брак“, се сеќава денес пејачката и гитаристка Марсија (полно име Фирда Марсија Курнија). „Но, ние сме среќни поради музиката. Тоа ни овозможува да бидеме вистинските верзии од себеси. Хеви металот ни даде храброст да кажеме: ‘Не! Ќе свирам метал додека можам!’“

Речиси една деценија подоцна, тоа стана најголемата одлука во нивниот живот: Voice of Baceprot се еден од најголемите метал бендови во Индија. Иако нивниот деби-албум Retas излезе дури овој месец, тие веќе стекнаа вирална слава, настапи на националната телевизија и учествуваа на големи метал фестивали откако го формираа бендот како средношколки во 2014 година. Нивните песни имаат алт-метал носталгија со нивниот цврст рифинг и очигледно Rage Against the Machine-инспириран фанк бас; Стиховите на Марсија за феминизмот, сексуалните напади и климатските промени им даваат на песните и одредена социјална совест. Нивниот успех ги освои нивните родители, а гитаристот на RATM, Том Морело, е отворен обожавател на бендот.

 „Тој беше одличен!“ вели Марсија за онлајн состанокот кој бендот го имаше со Морело. „Тој беше многу, многу скромен и разговаравме како да сме пријатели“.

Иако 23-годишната Марсија е убедливо најзборливата од групата, таа, 23-годишната тапанарка Сити (Еуис Сити Аисјах) и 21-годишната басистка Види Рахмавати се очигледно најдобри пријатели. Тие заразно се кикотат заедно и споделуваат шеги на нивниот роден сундски јазик. Тие се обединет фронт, при што Марсија почесто користи „ние“ отколку „јас“, а трите сега се исто така цимери во индонезиската престолнина Џакарта – далеку од местото каде што се израснати, во западна Јава.

„Пораснавме како ќерки на фармери, со сите крави и овци“, се смее Марсија. „Многу е далеку од градот, но ја сакавме околината таму и свежиот воздух“.

Voice of Baceprot ги опишува нивните училишни денови како „досадни“ (првата оригинална песна што ја објавија, School Revolution од 2018 година, е за неуспесите на образовниот систем). Сепак, работите станаа интересни кога Марсија и Рахмавати го открија System of a Down на еден од компјутерите на нивниот учител. „Се заљубивме!“ вели Марсија. „Тоа беше наплив на адреналин!“

Тој учител, Ахба Ерза, им помогна на девојките да научат да свират гитара и бас, а потоа тие ја вклучија Сити како тапанарка во бендот. „Имаше лоша навика на час да удира по масата“, објаснува Марсија. Ерза сè уште се интересира и им помага на бендот, одржувајќи редовни видео-состаноци.

Индонезија има најмногу муслимани од која било нација во светот, приближно 209 милиони луѓе (87% од населението) таму го следат Исламот. Иако поголемиот дел од земјата е умерен и има плодна метал сцена, Западна Јава е поконзервативен регион. Откако Voice of Baceprot почнале да свират во јавноста, напојувањето на една од нивните свирки било прекинато, бидејќи локалните жители сметале дека тапаните на Сити биле прегласни. Марсија еднаш била нападната, со фрлен камен кон нејзината глава. На каменот имало прикачена порака со која ѝ порачале да прекине да свири ѓаволска музика.

„Беше навистина страшно“, се сеќава таа, „но јас ја сакав музиката, па не ми беше грижа“. Членките на бендот се уште се горди муслиманки и покрај малтретирањето. „Не се работи за религијата; се работи за луѓето околу нас“, вели Марсија, таа и нејзините колешки од бендот носат хиџаб и за време на настапи.

Ерза почнал да ги прикачува препевите на тинејџерките на песните на Metallica, System of a Down и Red Hot Chili Peppers на YouTube. Ваквите кавери станаа вирални хитови и покрај тоа што членките на бендот во тоа време немале паметни телефони, ниту пристап до интернет. Денес, тие се популарни на TikTok и имаат 300.000 претплатници на YouTube, а песната God Allow Me (Please) има преку четири милиони преслушувања на Play Music. Таа онлајн слава се преточи во реалниот свет: Voice of Baceprot свиреше на германскиот фестивал Wacken Open Air каде што присуствуваа 75.000 луѓе во 2022 година и ќе прават турнеја низ САД.

Марсија, Сити и Рахмавати ја користат својата попиларност како платформа за да поттикнат промени. „Ние се грижиме за светот околу нас“, објаснува Марсија. „Музиката е најискреното средство за самоизразување и има огромна моќ да ја промени околината“.

Нивниот сингл од 2021 година „(Not) Public Property“ ја осудува сексуалната злоупотреба. Беше објавен на Меѓународниот ден на жената и го означи почетокот на кампањата за собирање пари за жртвите на сексуално насилство.

„Се чини дека Индонезија ја отсликува несреќната реалност со која се соочуваат жените и децата во различни делови на светот – тие продолжуваат да страдаат од насилство, честопати скриено од јавноста“, вели таа. „Остануваме посветени на создавање безбедни простори и борба против насилството и сексуалното вознемирување каде и да сме, вклучително и преку песните што ги објавуваме“.

Членките на бендот немаат некои комерцијални цели, освен пробив на светската сцена за што сметаат дека турнејата во САД многу ќе им помогне.

„Најважно е да останеме цврсти како бенд и да продолжиме да се сакаме една со друга“, вели Сити. Сепак, менувањето на светот би било прекрасен бонус. „Ние само сакаме Земјата да биде подобро место за живеење“, вели Марсија. „Сега, утре и засекогаш“.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни