Индонезиските власти отпуштија полицаец вмешан во трагичниот настан во Џакарта, кога возило на полицијата прегази возач на мотор-такси за време на протестите минатата недела. Инцидентот ја разгоре огорченоста на јавноста и поттикна масовни демонстрации низ целата земја.
Протестите, во кои учествуваат студенти, синдикати и активисти за човекови права, траат веќе неколку дена. Досега животот го загубија најмалку десет лица, а улиците беа сведоци на судири со полицијата, палења и грабежи. Безбедносните сили одговорија со солзавец и гумени куршуми.
Најголемо внимание предизвика отпуштањето на Космас Кају Гае, еден од седумтемина полицајци приведени во врска со трагедијата. Тој беше прогласен за виновен за „непрофесионално однесување“ по дисциплинска постапка. Во емотивно обраќање, Гае рече дека никогаш немал намера да наштети и најави можност да поднесе жалба.
Паралелно со барањата за одговорност на полицијата, демонстрантите го насочија својот гнев и кон трошењата на државата. Под притисок, претседателот Прабово Субианто најави дека ќе се кратат дел од бенефициите на пратениците, како што се додатоците за патувања и сместување.
Особено впечатлив беше протестот на стотици жени облечени во розово, кои во средата се собраа пред парламентот во Џакарта. Тие носеа метли како симболичен повик за „чистење“ на неправдите и репресијата на безбедносните сили.
И покрај тоа што првично ја откажа својата посета, Субианто сепак замина за Кина каде присуствуваше на воена парада, со образложение дека состојбата дома се стабилизира.
Во меѓувреме, парламентот се сретна со претставници на повеќе студентски организации. Тие бараат ослободување на уапсените демонстранти и независна истрага за полициската бруталност. „Секогаш сме им потребни пред избори, а после тоа – нè забораваат,“ изјави Агус Сетиаван, претседател на студентското тело на Универзитетот во Индонезија.
Меѓународната кредитна агенција „Фич“ предупреди дека продолжените немири може да ја загрозат економската стабилност и кредитниот рејтинг на земјата, бидејќи укажуваат на подлабоки општествени проблеми кои нема да исчезнат лесно.