Индонезија гради ѕид долг 535 километри за заштита од покачување на нивото на морето

Изградбата на ѕид долг 535 километри по должината на северниот брег на Јава е решението на владата за зголемувањето на нивото на морето за околу пет сантиметри годишно

Претседателот на Индонезија, Прабово Субианто, изрази подготвеност да изгради огромен ѕид по должината на северниот брег на Јава за да заштити 50 милиони луѓе од зголемувањето на нивото на морето, објавија индонезиските медиуми.

Прабово објасни дека изградбата на ѕид долг 535 километри по должината на северниот брег на Јава е решението на владата за зголемувањето на нивото на морето за околу пет сантиметри годишно поради ефектите од климатските промени.

„Почнавме подготовки за изградба на ѕид долг 535 километри на северниот брег на Јава за да заштитиме 50 милиони луѓе од зголемување на нивото на морето за пет сантиметри годишно“, изјави претседателот на вчерашниот состанок на кабинетот во Џакарта.

Според претседателот, заканата од климатските промени би можела да загрози 60 проценти од индустријата на земјата на северниот брег на Јава. Таму има и големи оризови полиња кои би можеле да бидат изложени на ризик, додаде тој.

Тој нагласи дека државата има должност да ги заштити луѓето и стратешките средства на нацијата. Изградбата на ѕидот, која е планирана од 1995 година, ќе чини најмалку 80 милијарди американски долари. „Проектот е од клучно значење, тоа е мегапроект. Не знам кој претседател ќе го заврши, но мора да започнеме и ќе започнеме“, рече Субианто.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни