Контроверзната аукција, која треба да се одржи во Хонг Конг во среда, опфаќа речиси 1.800 вредни предмети, меѓу кои рубини, топази, сафири и златни фигурини, пронајдени закопани во 1898 година заедно со фрагменти од коските на Буда во сојузната држава Утар Прадеш, во северна Индија.
Министерството за култура на Индија изјави дека продажбата „ги прекршува индиските и меѓународните закони, како и конвенциите на Обединетите нации“, барајќи предметите да бидат третирани како свети. Продажбата беше осудена и од бројни истакнати будисти и историчари на уметноста.
Министерството објави на Инстаграм писмо испратено до „Сотби“ и до Крис Пепе, правнукот на Вилијам Клакстон Пепе, кој ги ископал реликвиите. Во објавата се наведува дека Пепе нема правна основа да ги продава реликвиите и ја обвинува аукциската куќа за учество во „континуирана колонијална експлоатација“ преку организирањето на продажбата.

Министерството нагласи дека овие реликвии претставуваат „неотуѓиво религиозно и културно наследство“ на Индија. „Скапоцените камења не треба да се третираат како обични предмети, туку како свети артефакти, првично закопани како принос за светото тело на Буда“, стои во соопштението.
Се додава дека продавачите, кои себеси се нарекуваат чувари на скапоценостите, немаат право да го „отуѓуваат или злоупотребуваат имотот“ кој се смета за „исклучително вредно наследство на човештвото“.
Министерството побара јавно извинување од „Сотби“ и Пепе, како и целосно обелоденување на сета документација поврзана со реликвиите.
Се истакнува дека игнорирањето на овие барања ќе резултира со судски постапки во Индија и Хонг Конг заради „кршење на законите за културно наследство“. Дополнително, министерството се закани со покренување јавна кампања со цел да ја истакне улогата на „Сотби“ во продолжувањето на колонијалната неправда.

Вилијам Пепе ги предал предметите на колонијалната администрација, додека коските на Буда му биле предадени на кралот Рама V од Тајланд. Петте урни-реликвијари, камениот ковчег и поголемиот дел од реликвиите биле испратени во Индискиот музеј во Калкута.
Само мал дел од пронајдените предмети останале во семејството Пепе, изјави Крис Пепе. „Сотби“ соопшти дека Пепе имал дозвола да задржи околу една петтина од предметите. Крис Пепе рече дека тие биле наследени од неговиот прачичко преку братучед, и дека во 2013 година биле предадени на него и уште двајца роднини.
Претходно, Крис Пепе изјави дека семејството размислувало да ги донира моштите, но дека сите такви опции претставувале предизвици, а дека аукцијата изгледала како „најправеден начин моштите да им се вратат на будистите“.