Индиските државни рафинерии целосно ќе го пуштат во употреба најдолгиот цевковод за течен нафтен гас во светот до јуни, што значително ќе ги намали трошоците за транспорт на горивото и ќе помогне во спречување на смртоносни сообраќајни несреќи.
„Ова ќе го промени начинот на снабдување со ТНГ и сè ќе функционира како на подвижна лента“, изјави директорот на компанијата Indian Oil, Н. Сентил Кумар.
Проектот, вреден 1,3 милијарди долари, треба да замени стотици камиони кои патуваат низ целата земја за да го транспортираат горивото од рафинериите до фабриките, со што се зголемува ризикот од несреќи.
Во декември, 20 лица загинаа, 45 беа повредени, а десетици возила оштетени откако камион удрил во возило на компанијата Indian Oil во северозападниот град Џајпур, пишува Bloomberg.
Компаниите Indian Oil, Bharat Petroleum и Hindustan Petroleum заеднички ја формираа IHB со цел да изградат нафтовод долг 2.800 километри, кој ќе се протега од Кандла, на западниот брег, до градот Горакпур, на северот.
Првата фаза ќе биде пуштена во употреба во март, а целиот систем ќе биде целосно оперативен до средината на оваа година, изјави Кумар, кој исто така е и претседател на заедничкото претпријатие, пренесува Biznis.rs.
Мрежата ќе може годишно да транспортира околу 8,3 милиони тони ТНГ, што е околу 25 отсто од вкупната побарувачка на Индија. Се очекува значително да ги намали транспортните трошоци во третата најголема светска економија, бидејќи околу 70 отсто од станиците за полнење сè уште добиваат гориво преку камиони.
Локалната потрошувачка на горивото, кое главно се користи за готвење во домаќинствата, пораснала за четири петтини во изминатата деценија, достигнувајќи 29,6 милиони тони во фискалната година што заврши во март 2024 година, надминувајќи го 47-процентното зголемување на побарувачката за рафинирани нафтени производи.