Индиски студии: Умерена консумација на манго може да биде безбедна за лица со дијабетес тип 2

Манго е омилен плод, но често е критикуван поради можните ефекти врз шеќерот и телесната тежина.

Манго, долго сметано за „опасно овошје“ за лица со дијабетес, може да се консумира умерено без негативно влијание врз шеќерот во крвта, покажуваат нови клинички студии во Индија, објави Би-Би-Си.

Две истражувања, едно објавено во European Journal of Clinical Nutrition и второ во Journal of Diabetes & Metabolic Disorders, покажуваат дека контролирана замена на јачмен или леб со 250 грама манго наутро може да ги подобри индикаторите за контрола на дијабетесот тип 2, како што се HbA1c, инсулинска резистенција и ниво на HDL холестерол.

„ Нашите студии покажуваат дека во рамките на препорачаната диета, консумацијата на манго не е штетна и може да биде корисна“, вели д-р Сугандха Кехар, автор на истражувањата.

Главниот автор, проф. Анооп Мисра од Делхи, истакнува дека клучот е умереност и следење од страна на здравствен работник. „Еден плод од околу 250 грама содржи приближно 180 калории и треба да ја замени еднаква количина на јаглехидрати од друг оброк, а не да се додава“, појаснува тој.

Дијабетологот Рахул Бакси додава дека за пациенти со контролирани нивоа на гликоза, мангото може да се јаде помеѓу оброците, комбинирано со протеини или влакна, но да се избегнува заедно со други јаглехидрати или засладени пијалаци.

Манго не е само хранлив плод, туку и културен и социјален симбол во Индија, со повеќе од 1.000 сорти и важна улога на фестивали и во дипломатските ритуали. Истражувањата овозможуваат научно поткрепување на долгогодишната љубов на Индијците кон „кралот на овошјето“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни