Индија воведе нови правила со кои социјалните мрежи ќе мора да отстрануваат незаконска содржина во рок од три часа по добиено известување. Изменетите насоки ќе стапат на сила на 20 февруари и ќе се применуваат на големите платформи како Meta, YouTube и X.
Со новите измени, рокот за отстранување содржина се намалува од досегашните 36 часа на три часа. Владата не даде официјално образложение за скратувањето на рокот. Мерката се однесува и на содржина генерирана со вештачка интелигенција.
Во изминатите години индиските власти ги користеа постојните правила од Законот за информатичка технологија за да наложат бришење содржини што се сметаат за незаконски според прописите за национална безбедност и јавен ред. Според извештаи за транспарентност, во 2024 година биле блокирани повеќе од 28.000 интернет-линкови по барање на владата.
Новите измени првпат даваат правна дефиниција за содржина генерирана со вештачка интелигенција, вклучувајќи аудио и видео материјали создадени или изменети за да изгледаат реално, како што се дипфејк-снимки. Обично уредување, алатки за пристапност и образовни или дизајнерски содржини не се опфатени со оваа дефиниција.
Платформите ќе мора јасно да ја означуваат ваквата содржина и, каде што е можно, да додадат трајни ознаки за потеклото. Овие ознаки нема да смеат да бидат отстранувани. Компаниите ќе треба и да користат автоматизирани алатки за откривање и спречување на незаконска AI-содржина, вклучувајќи измамнички или неовластено изменети материјали, лажни документи, содржина поврзана со сексуална злоупотреба на деца, експлозиви и лажно претставување.
Дигитални организации и технолошки експерти изразија загриженост дека краткиот рок може да доведе до прекумерно автоматизирано бришење на содржини. Интернет Фридом Фаундeјшн оцени дека тричасовниот рок може да ги претвори платформите во „брзи цензори“, додека аналитичари предупредуваат дека усогласувањето ќе биде тешко без минимизирање на човечкиот надзор.
Владата засега не одговори на критиките.
Новите правила ќе стапат на сила на 20 февруари, по што ќе биде видливо како платформите ќе ги применуваат обврските и дали ќе следуваат дополнителни појаснувања од индиските власти.
