Индија и Европска Унија денеска официјално го финализираа сеопфатниот договор за слободна трговија, по повеќе од 20 години сложени и прекинувани преговори, јавуваат меѓународните агенции.
Договорот беше поздравен од индискиот премиер Нарендра Моди, кој оцени дека отвора широки можности за економски раст и продлабочување на трговските врски меѓу Индија и земјите-членки на ЕУ.
Спогодбата е постигната во контекст на зголемени геополитички тензии и има за цел да им овозможи на двете страни подобра заштита од засилената конкуренција од Кина, како и од последиците на американските царински политики и трговски спорови.
Последните пречки за финализирање на договорот биле надминати во понеделникот, за време на интензивни преговори во последен момент. Индија и Европската Унија очекуваат дека договорот ќе доведе до значително зголемување на трговската размена преку намалување на царините во повеќе економски сектори.
Според податоците на ЕУ, во текот на 2024 година, трговската размена на стоки меѓу двете страни достигнала вредност од околу 120 милијарди евра, што претставува раст од приближно 90 проценти во споредба со состојбата пред една деценија. Дополнително, размената на услуги изнесувала околу 60 милијарди евра.
Договорот опфаќа економски простор кој учествува со околу една четвртина од глобалниот бруто-домашен производ и приближно една третина од светската трговија, што го прави еден од најзначајните трговски договори на глобално ниво.
Според проекциите на Меѓународен монетарен фонд, се очекува Индија во текот на оваа година да го престигне Јапонија и да стане четврта најголема економија во светот, зад САД, Кина и Германија.
