Индија одобри купување на 26 борбени авиони Рафал од Франција за нејзината морнарица, изјавија денеска двајца неименувани извори.
Се очекува договорот за купување на авионите да биде потпишан откако ќе биде одобрен од владината Комисија за безбедносни прашања, со која претседава индискиот премиер Нерендра Моди. Пред потпишувањето на договорот планирано е францускиот министер за вооружени сили Себастиен Лекорну да ја посети Индија.
Индија планира да купи 22 борбени авиони со едно седишта и четири борбени авиони со две седишта, произведени од француската компанија „Дасо авиасион“. Договор е вреден седум милијарди долари.
Индиското воздухопловство моментално оперира со 36 борбени авиони Рафал, но морнарицата е вооружена првенствено со руски борбени авиони МиГ-29.
Со купувањето на француските воени авиони Индија се обидува да ја модернизира својата армија и да ја развие својата одбранбена индустрија, откако со години беше најголемиот увозник на оружје во светот.
Исто така, со тоа Индија ќе ги одврати потенцијалните закани од зголеменото кинеско присуство во Индиски Океан. Пекинг тврди дека кинеските бродови во регионот вршат научни истражувања. Кина има поморска база во Џибути, во западниот дел на Индискиот Океан, од 2017 година.