На Волстрит, во средата, берзанските индекси паднаа втор ден по ред, откако претседателот на американската централна банка (ФЕД), Џером Пауел, предупреди дека цените на акциите се пренадувани, во пресрет на новите податоци за инфлацијата.
Dow Jones ослабе за 0,37 %, на 46.121 поен. S&P 500 падна за 0,28 %, на 6.637 поени. Nasdaq индексот загуби 0,33 %, спуштајќи се на 22.497 поени
И покрај овие падови, индексите и натаму се движат блиску до највисоките нивоа во историјата.
Очекувања за натамошно намалување на каматите
Поддршка на пазарот дава недамнешното намалување на каматните стапки од страна на ФЕД, што треба да го поттикне економскиот раст. Инвеститорите се надеваат на понатамошно намалување на цената на капиталот (каматите).
Додека некои членови на ФЕД ја поддржуваат таа идеја, други сметаат дека треба да се почека со нови мерки, додека не се види како ќе се движи инфлацијата во наредните месеци, особено имајќи предвид дека владата на Доналд Трамп воведе царини на увозот од повеќе земји.
Пауел повикува на рамнотежа
Во својот прв јавен настап по намалувањето на каматите, Пауел изјави дека при носење одлуки ФЕД мора да балансира меѓу растот на инфлацијата и слабеењето на пазарот на труд.
Поради тоа, инвеститорите со нетрпение ги чекаат новите инфлаторни податоци, кои ќе бидат објавени во втората половина на неделата, за да се види дали има простор за понатамошно намалување на каматите.
Предупредување за преголема вредност на акциите
Пауел исто така предупреди дека акциите се премногу високо вреднувани, што ги натера многу инвеститори на претпазливост.
„Мислам дека имаше основа за ова предупредување, и изгледа дека некои инвеститори одлучија да ги повлечат своите добивки по неговите коментари“, вели Рон Албахари, директор во компанијата LNW.
Европските берзи претежно во пораст
На поголемиот дел од европските берзи, акциите вчера забележаа пораст: FTSE (Лондон): +0,29 %, на 9.250 поени, DAX (Франкфурт): +0,23 %, на 23.666 поени, CAC (Париз): –0,57 %, на 7.827 поени