Локалните избори одржани на 29 март во Србија беа проследени со бројни инциденти, тепачки и обвинувања за нерегуларности, додека претседателот на Србија Александар Вучиќ прогласи убедлива победа на коалицијата предводена од Српска напредна странка (СНС) во сите десет општини.
Гласањето се одржа во Бор, Бајина Башта, Кула, Мајданпек, Кладово, Аранѓеловац, Смедеревска Паланка, Лучани, Књажевац и Севојно, каде право на глас имале околу 250.000 избирачи.
Според првичните резултати, СНС победи во сите општини, при што најнеизвесно било во Кула, каде разликата изнесувала околу 530 гласа.
Сепак, изборниот ден беше обележан со сериозни обвинувања од страна на независни набљудувачи и опозицијата. Организацијата CRTA соопшти дека се забележани паралелни избирачки списоци, нарушување на тајноста на гласањето и организирано носење гласачи, што укажува на можен притисок врз избирачите.
Покрај тоа, пријавени се и физички напади врз граѓани, активисти и новинари, особено во Бор, Бајина Башта и Кула. Набљудувачите предупредија дека насилството и заплашувањето ја засениле регуларноста на изборниот процес.
„Особено загрижува фактот што полицијата во најголем дел не ги заштити граѓаните изложени на насилство, ниту ги приведе напаѓачите“, наведоа од CRTA.
Излезноста на гласањето била висока – над 50 проценти во сите општини, а во шест од нив надминала 70 проценти.
Листите на СНС настапија под името на Вучиќ, иако тој како претседател формално не учествуваше на изборите. Наспроти нив, настапија опозициски партии, студентски движења и локални граѓански иницијативи.
Изборите се сметаат за важен тест за односот на силите меѓу власта и опозицијата, повеќе од една година по несреќата во Нови Сад и масовните антивладини протести во земјата.
Дополнително, полицијата извршила упад во просториите на опозицискиот Народен покрет Србије, што предизвика реакции и осуди од други опозициски партии.