Повеќе инциденти се пријавени кај полицијата на денот на изборите во десет места во Србија. Набљудувачките мисии наведуваат дека се забележани повеќе неправилности при гласањето, како и инциденти, тепачки и напади врз новинари и активисти во Бор на истокот од Србија, во Бајина Башта на запад и во Кула во Војводина.
Локалните избори во Србија се одржуваат на 29 март во Бор, Мајданпек, Кладово, Аранѓеловац, Кула, Смедеревска Паланка, Бајина Башта, Лучани, Књажевац и Севојно.
Во сите овие места на власт е коалиција предводена од владејачката Српска напредна странка.
Локалните избори се сметаат за уште еден тест на силата меѓу власта и опозицијата, повеќе од една година по несреќата во Нови Сад и масовните антивладини протести во Србија.
Претходните локални избори во 2025 година беа проследени, според меѓународни и домашни набљудувачи, со бројни неправилности, вербални и физички напади.
„Гласањето во Бор нема ни облик на слободни избори“
„Она на што денес бевме сведоци во Бор веќе нема ни облик на слободни избори“, изјави Раша Неделков, шеф на набљудувачката мисија на ЦРТА, на социјалната мрежа X.
Тој оцени дека изборниот ден во Бор бил обележан со низа инциденти на физичко насилство и бројни неправилности, при што полицијата не ја гарантирала безбедноста на набљудувачите, активистите и новинарите.
Според податоците на ЦРТА, во Бор во текот на изборниот ден биле нападнати повеќе студенти, активисти и новинари, а во еден напад, според сведоштва, била користена и секира.
Еден студент бил двапати жртва на насилство, а во вториот напад, кога бил гонет од повеќе десетици мажи кои излегле од штаб на СНС, се здобил со потешки повреди, наведува ЦРТА.
Движењето „Крени-Промени“, кое има свои набљудувачи на локалните избори, соопшти дека тројца нивни набљудувачи се пуштени од полицијата во Аранѓеловац, по претходно приведување.
Лидерот на движењето, Саво Манојловиќ, претходно изјави дека тие биле приведени „под лажни обвинувања“.
Движењето објави дека нивните набљудувачи во Аранѓеловац забележале повеќе неправилности, како обиди за гласање без лична карта и организирано гласање, како и постоење на два кол-центри на владејачката партија.
Излезност на гласачите
Според податоците на општинските изборни комисии, излезноста до 18 часот изнесувала:
Књажевац – 62,37%
Лучани – 71,24%
Кладово – 50,40%
Смедеревска Паланка – 58%
Севојно – 73,1%
Кула – 67,64%
Бајина Башта – 71%
Аранѓеловац – 63,27%
Мајданпек – 57%
Податоци од студентски набљудувања
Студентите во блокада објавија дека во повеќето општини излезноста се движи околу 60%.
Во Бор излезноста до 17 часот била 56,8%, во Смедеревска Паланка 55,9%, а во Књажевац 61%.
Во Аранѓеловац гласале 58,8%, во Мајданпек 46,2%, во Кладово 46,1%.
Во Бајина Башта излезноста била 63,9%, во Севојно 67,2%, во Кула 66% и во Лучани 69%.