Инцидент со американско знаме во Гренланд предизвика реакции кај граѓаните и локалните власти

Градоначалничката на Гренланд повика на одговорност по обидот на германски комичар да изведе „шега“ во чувствителен период

Градоначалничката на главниот град на Гренланд упати јавен повик до медиумите и креаторите на содржини да покажат поголема одговорност, откако германски комичар се обиде да постави американско знаме во Нуук, што предизвика незадоволство кај локалното население. Аваарак Олсен порача дека ваквите постапки не се безопасна шега, особено во период кога земјата се соочува со чувствителни политички прашања, пренесе „Гардијан“.

Комичарот од Баварија, Макси Шафрот (41), се обидел да закачи американско знаме на јарбол во близина на културен објект во главниот град, но бил спречен од граѓани кои реагирале револтирано. Според сведоштва од местото на настанот, тој се претставил како американски службеник, по што се повлекол. Локалните медиуми јавуваат дека случајот бил пријавен во полиција и дека му била изречена парична казна.

Градоначалничката на округот Сермерсоок, каде што припаѓа Нуук, остро го осуди настанот, нагласувајќи дека истакнувањето знаме на светска воена сила, која во изминатиот период испраќала заканувачки пораки кон Гренланд, не може да се оправда како хумор. Таа додаде дека изборот на локацијата, во близина на главниот културен центар, го прави инцидентот уште понесоодветен.

Олсен посочи дека актуелната ситуација веќе создава страв и несигурност меѓу граѓаните, особено кај младите. Според неа, користењето на тие емоции за привлекување внимание или кликови не е знак на креативност, туку постапка што дополнително ја зголемува напнатоста во општеството. Таа апелираше до авторите на содржини внимателно да размислат за последиците од своите постапки пред да ги претстават како забава.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни