Јапонските власти запленија кинески рибарски брод и го уапсија неговиот капетан, обвинувајќи го дека се обидел да избега од инспекција во ексклузивната економска зона на Јапонија – потег што може дополнително да ги заостри односите меѓу двете најголеми азиски економии.
Според соопштението на јапонската Агенција за рибарство, 47-годишниот кинески државјанин, кој бил капетан на бродот, не постапил по наредбата на јапонските службеници да застане за инспекциски преглед. Инцидентот се случил во водите кај префектурата Нагасаки, на југозападот од Јапонија.
На бродот во моментот на инцидентот имало уште десет лица, соопштија јапонските власти.
Иако Јапонија во последните години запленила повеќе рибарски бродови од Јужна Кореја и Тајван, ова е прв случај од 2022 година во кој е задржан кинески брод. Настанот се случува во период на зголемени дипломатски тензии меѓу Токио и Пекинг, што дополнително ја зголемува чувствителноста на случајот.
Засега нема официјална реакција од кинеските власти.
Извор: М.Ч./Hina
