Имате автоимуно заболување? Можеби сте изложени на повисок ризик од депресија и анксиозност

Наодите покажуваат дека кај 29% од пациентите со автоимуни заболувања била дијагностицирана ментална состојба – најчесто депресија, анксиозност или биполарно растројство

Луѓето со автоимуни заболувања имаат речиси двојно поголема веројатност да развијат ментални нарушувања, според нова голема студија објавена во списанието BMJ Mental Health.

Истражувањето опфатило околу 1,5 милиони лица во Обединетото Кралство, од кои речиси 38.000 изјавиле дека биле дијагностицирани со автоимуна болест како што се ревматоиден артритис, воспалителна болест на цревата или псоријаза.

Наодите покажуваат дека кај 29% од пациентите со автоимуни заболувања била дијагностицирана ментална состојба – најчесто депресија, анксиозност или биполарно растројство. За споредба, само 18% од останатата популација имале слични дијагнози. Поточно, 26% имале депресија, 21% анксиозност, а 1% биполарно растројство.

Хроничното воспаление – можна врска меѓу телото и умот

Истражувачите укажуваат дека хроничното воспаление, кое е обележје на автоимуните болести, може да игра значајна улога во зголемениот ризик од ментални нарушувања. Дополнително, кај пациентите со автоимуни болести почесто се среќавала и семејна историја на ментални нарушувања – што укажува на можно генетско влијание.

Посебно е загрижувачки фактот што жените биле значително повеќе погодени од мажите: 32% од жените со автоимуни болести имале ментално нарушување, наспроти 21% кај мажите. Според истражувачите, тоа би можело да се објасни преку хормонални разлики, хромозомски фактори или циркулирачки антитела.

„Многу психијатри и натаму ги гледаат психијатриските нарушувања како нешто што се случува само ‘над вратот’. Но, тоа се нарушувања на целото тело“, изјави проф. Даниел Смит од Универзитетот во Единбург, главен автор на студијата. „Постојат силни преклопувања меѓу физичкото и менталното здравје“, додаде тој.

И покрај тоа што 57% од испитаниците биле жени, а 90% биле од бела раса – што се смета за ограничување во репрезентативноста – резултатите се усогласени со претходни истражувања кои ја потврдуваат улогата на воспалението во развојот на ментални нарушувања.

Авторите на студијата повикуваат на воведување редовни скрининзи за ментално здравје кај пациенти со автоимуни болести, особено кај жените, за да се овозможи навремено лекување и поддршка.

„Ако сакаме навистина да ги разбереме овие нарушувања, мора да ги гледаме преку призмата на целото тело“, заклучи Смит.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни