„Корка“ од Кочани победници на Imagine Македонија 2025

Националното финале на програмата Imagine Македонија за првпат се одржа во живо, како дел од фестивалот „Здраво Млади“ во МКЦ, во организација на Музичка младина на Македонија.

На 10 октомври 2025 година, во рамките на фестивалот „Здраво Млади“, во Младинскиот културен центар (МКЦ) се одржа националното финале на Imagine Македонија 2025, во организација на Музичка младина на Македонија (МММ).

Победници на овогодинешното издание се „Корка“, grunge/noise rock бенд од Кочани, кои ќе ја претставуваат Македонија на меѓународното Imagine финале во Брисел, што ќе се одржи на 14 декември 2025 година.

Тие ќе се натпреваруваат со учесници од Шведска, Норвешка, Холандија, Франција, Белгија, Унгарија и Велика Британија, претставувајќи ја македонската млада сцена пред европската публика.

Националното жири, составено од четворица членови, додели и три дополнителни награди:

  • The Pot, grunge stoner rock бенд – награда за отворање на официјалната програма на фестивалот „Здраво Млади“;
  • LSD During War, sludge/nu metal состав – награда за снимање на нов сингл;
  • Tsar Von Time – настап на роденденскиот концерт на Музичка младина на Македонија, кој традиционално се одржува во јануари.

Ова е првпат Imagine Македонија да се одржи во жив формат, како дел од фестивалската програма на „Здраво Млади“, со осум учеснички бендови од различни градови низ земјата. Настанот ја потврди важноста на платформите кои им овозможуваат на младите музичари да се претстават пред публика и професионално жири.

Imagine Македонија е дел од меѓународната Imagine Music Experience програма на Меѓународната музичка младина (JMI), што се реализира во повеќе земји низ светот. Програмата претставува уникатна можност за младите уметници да ги развијат своите таленти, да се вмрежат и да настапат на европската сцена.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни