Има ли некој одговорен за состојбата со бездомните кучиња во Скопје?

И покрај стационарот „Лајка“ и интервенциите на терен, проблемот со бездомните кучиња се повторува – институциите постојат, но одговорноста е расцепкана

И покрај интервенциите на терен и постоењето на модерен стационар, проблемот со бездомните кучиња во Скопје повторно се враќа во фокусот на јавноста. Во изминатиот период, особено во општина Карпош, граѓани пријавуваат појава на нови групи кучиња на локации каде што веќе било интервенирано. Од ЈП „Лајка“ велат дека излегуваат на терен и вршат заловување, но дека и покрај тоа, на истите места повторно се појавуваат нови животни.

Ова ја отвора суштинската дилема: ако има интервенции, ако постои стационар, ако има институција задолжена за проблемот – зошто состојбата не се подобрува?

Факт е дека Скопје од 2020 година располага со модерен стационар за бездомни кучиња, отворен со цел да обезбеди хуман третман, стерилизација, вакцинација и вдомување. Инфраструктурата, значи, постои веќе пет години. Оттука, тешко може да се тврди дека проблемот се должи на недостиг од објекти или технички услови.

Скопје од 2020 година располага со модерен стационар за бездомни кучиња

Она што недостига, според сè, е систем што функционира како целина. Интервенциите најчесто се реактивни – по пријава или по појава на глутници. Но ваквиот пристап не го затвора изворот на проблемот. Кучињата се заловуваат, а по извесно време на истите локации повторно се појавуваат други.

Дополнителна конфузија создава и поделбата на надлежностите. „Лајка“ е јавно претпријатие на Град Скопје, но проблемот се манифестира во конкретни општини. Во јавноста нема јасен одговор дали и колку скопските општини финансиски учествуваат во работата на претпријатието, ниту дали постои координирана стратегија меѓу Градот, општините и другите надлежни институции.

Покрај институционалниот аспект, ретко се отвора и прашањето за одговорно сопствеништво. Во Скопје е честа појава граѓани редовно да хранат кучиња на улица, најчесто со добра намера. Но без системска контрола, стерилизација и надзор, ваквата практика може да придонесе за задржување и зголемување на популацијата на улични кучиња на истите локации.

Одговорното сопствеништво подразбира регистрација и микрочипирање на кучето, редовна вакцинација, грижа за здравјето, надзор при шетање и недопуштање на напуштање. Тоа е и правна обврска според Законот за заштита и благосостојба на животните, кој забранува насилство и напуштање на животни. Сопствениците се должни да ги регистрираат милениците, да ги чуваат во хумани услови и да спречат опасно однесување на јавни места. Општините се задолжени за контрола и програми за стерилизација и вдомување.

Иако законски е забрането напуштањето, спроведувањето е слабо. Недоволно чипирани миленици и редок инспекциски надзор значат дека многу сопственици минуваат неказнето. Казните се предвидени, но често се благи, а вистинскиот ефект се постигнува само со комбинација на санкции, едукација и поддршка за одговорно сопствеништво.

Решението е системско: масовна регистрација, микрочипирање, стерилизација, едукација на сопствениците и доследно спроведување на законот. Само со тоа може да се намали бројот на напуштени кучиња, да се зголеми благосостојбата на животните и да се создаде побезбедна средина за граѓаните. Одговорното сопствеништво не е само морална порака, тоа е правна и социјална обврска чија имплементација е клучна за намалување на проблемот со уличните кучиња во Македонија.

Фактите што произлегуваат од досегашните информации се едноставни. „Лајка“ излегува на терен и постапува. Стационар постои. Но проблемот не се намалува, туку циклично се повторува. Тоа упатува дека бездомните кучиња во Скопје не се проблем на една институција, туку резултат на систем што функционира парцијално и без јасна долгорочна политика.

На крајот, одговорноста се разлева меѓу сите. Градот ја има инфраструктурата, но нема видлива стратегија што оди подалеку од ад-хок интервенции. Општините се директно засегнати, но нивната улога во финансирањето и превенцијата останува нејасна. А темата за санкции и контрола на неодговорното однесување на луѓето речиси и да не се отвора.

Додека овие прашања не се постават јавно и додека не се дефинира кој точно што мора да прави, Скопје ќе продолжи да го врти истиот круг: заловување, краткотрајно смирување и повторна појава на бездомни кучиња. Проблемот, очигледно, не е во животните, туку во тоа што институциите со години ја избегнуваат целосната одговорност.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни