Европската комисија ги отфрли онлајн нападите од американскиот технолошки милијардер Илон Маск против Европската Унија „ Дел од слободата на изразување е да се даваат дури и целосно луди изјави“, изјави портпаролката на Комисијата, Паула Пињо, во понеделник во Брисел. Изрекувањето казна на онлајн услугата на Маск, X, не изгледа дека ѝ носи на ЕУ наклонетост на милијардерот, додаде Пињо.
Во петокот, ЕУ го казни X со 120 милиони евра, наведувајќи недостаток на транспарентност во врска со рекламирањето и корисничките сметки на платформата. Како одговор, Маск напиша на X: „ЕУ треба да се укине, а суверенитетот да им се врати на поединечните земји, за да можат владите подобро да ги претставуваат своите народи“. Во друга објава, тој изјави: „Ја сакам Европа, но не и бирократското чудовиште наречено ЕУ“.
Владата на САД, исто така, ја критикуваше казната. Министерот за надворешни работи Марко Рубио го нарече потегот „напад врз сите американски технолошки платформи и врз американскиот народ“.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп постојано ги критикува дигиталните закони на ЕУ. И покрај разните закани од Вашингтон, ЕУ постојано ја повторува својата намера да ги спроведува своите правила.
Казната од Брисел доведе и до „одмаздничка одлука“ на компанијата Х. На Европската комисија ѝ е привремено забрането да објавува реклами на X. Со бришењето на профилот за реклами, ЕК ја губи можноста да го зголеми досегот на својата содржина со плаќање за да ја прикаже на повеќе корисници.
Главниот директор за производи на X, Никита Бир, го оправда потегот тврдејќи дека Комисијата ги прекршила правилата за да даде поголема видливост на објавата на X, со која ја соопшти нејзината казна за платформата од 120 милиони евра за компанијата на Маск.
Бир тврди дека Комисијата објавила линк во спорниот пост што „ги наведува корисниците да веруваат дека станува збор за видео и вештачки да го зголеми својот досег“.
Менаџерот не одговори на прашањата на корисниците во врска со специфичната природа на наводното прекршување. Тој тврдеше дека Комисијата искористила слаба точка во платформата, која во меѓувреме е отстранета.
Европската комисија ја оправда својата казна против X, меѓу другото, наведувајќи дека под водство на Маск, се врши погрешно доделување на ознаките за проверка на профилите на X. Пред претприемачот да ја купи платформата, тогаш позната како Твитер, во октомври 2022 година, симболите за проверка им беа доделувани само на истакнати корисници и компании по успешна проверка на идентитетот.
Но, Маск одлучи дека сите претплатници што плаќаат треба да го добијат идентичниот симбол – без јасен доказ за идентитет. Сега постојат и златни симболи за компаниите и сребрени за владините агенции.
Ова беше првата казна што Европската комисија ја изрече на голема американска технолошка компанија според Законот за дигитални услуги. Таа следеше по истрагата за X што започна во декември 2023 година.
