Илон Маск, татко на 14 деца, кој сака да го зголеми наталитетот, а ги крати средствата за трудниците и породувањата

Илон Маск долго време тврди дека цивилизацијата ќе пропадне ако не се зголеми стапката на раѓање. Во меѓувреме, неговата DOGE група крати милијарди долари наменети за трудници, родилки и нивните деца.

Со оглед на континуираните предупредувања од Маск дека опаѓачката стапка на раѓање е егзистенцијална закана за човештвото, ненадејното укинување на услугите за мајчино здравје е иронично – но и очекувано, велат критичарите. Маск, кој наводно има 14 деца, изјави дека верува дека „цивилизацијата ќе пропадне“ ако жените не раѓаат повеќе. Нудел дури и своја сперма на познаници и ја обвинил контрацепцијата за опаѓање на стапката на бремености. „Потребата да имаме повеќе деца треба да биде национален приоритет“, напишал минатото лето.

Иако има донирано милиони долари за истражување на плодноста, во моментот Маск, преку DOGE, им одзел многу повеќе на трудниците и мајките отколку што им дал. Во февруари DOGE ја загрозил седумгодишната иницијатива вредна 168 милиони долари за унапредување на мајчиното здравје во Мичиген. Сопрени биле и 27 милиони долари за здравствени центри за жени. Отпуштени се федерални работници кои воделе програми за трудници под Медикејд. Исто така биле укинати 1.6 милиони долари за постпородилна грижа на Медицинскиот факултет Morehouse во Атланта, Џорџија.

„Не можеме да тврдиме дека ни е важен наталитетот, а истовремено да го укинуваме финансирањето на системите што обезбедуваат безбедна бременост, породување и родителство“, вели Емили Родригез, антропологк и коосновач на организацијата The Bridge Directory. Таа соработувала со Севона на CHAMP грантот.

CHAMP бил фокусиран на жени кои добиваат Медикејд. Во Њујорк, црните жени девет пати почесто умираат при породување отколку белите. „Њујорк треба да биде едно од најбезбедните места за породување. Но, за преголем број црни жени, тоа не е случај“, рекла Викторија Сентклер, дула и членка на заедницата која помогнала во управување со грантот. „Статистиката боли, но вистинските искуства се уште поболни. Никој не треба да се плаши од бременост или создавање семејство“, додала таа.

Многу од кратењата на DOGE биле оправдани со „анти-woke“ агендата, која има за цел да ги укине медицинските програми за традиционално запоставени групи. Родригез објаснува дека добиле инструкции да отстранат зборови како „жени“, „црни“, „недокументирани“, „имигранти“ од нивните проекти. „Ова не е само цензура, туку бришење на постоењето“, вели таа.

И Трамп, како и Маск, изјавил дека сака да им помогне на младите Американци да создадат семејства. „Ќе бидам познат како претседател на оплодувањето“, рекол минатата недела. Во исто време, DOGE ги крател средствата за здравствени агенции и програми како NIH, HHS, и CDC за мајчино и репродуктивно здравје.

Што уште е укинато?
DOGE сериозно ги погодил и детските здравствени програми. Укинато е:

  • над 1 милион долари за студии за ментално здравје на деца во Масачусетс
  • над 750.000 долари за третмани на респираторни болести во Детската болница во Сиетл
  • над 200.000 долари за третман на коскени нарушувања во Бостон
  • над 1.6 милиони долари за превенција и третман на ХИВ кај деца во Лос Анџелес
  • речиси милион долари за ХИВ третмани во Филаделфија
  • и дури 12 милијарди долари од буџетите на државните здравствени оддели, вклучувајќи и две милијарди за вакцинација на деца.

„Просечна трудница можеби не знае што е HHS“, вели Севона Браун, „но знае што е SNAP или Медикејд. Знае што значи таа картичка.“ (SNAP овозможува храна и млеко за трудници и мајки; Медикејд покрива здравствено осигурување за над 70 милиони Американци.)

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни