Американскиот претприемач Илон Маск втора година по ред е на врвот на листата на најбогати луѓе во светот, со нето-имот проценет на 839 милијарди долари, што е речиси два и пол пати повеќе од минатогодишните 342 милијарди долари, објави Форбс.
Основачите на компанијата Гугл, Лари Пејџ и Сергеј Брин, го заземаат второто и третото место со богатство проценето на 257, односно 237 милијарди долари. На четвртото место е основачот на Амазон, Џеф Безос, со 224 милијарди долари, додека петтата позиција ја држи извршниот директор на Мета, Марк Закерберг, со 222 милијарди долари.
Според податоците на Форбс, годинава во светот има 3.428 милијардери, што е за 400 повеќе од минатата година. Нивното вкупно богатство е зголемено за четири билиони долари и достигна рекордни 20,1 билион долари.
Просечната нето-вредност на богатството на милијардерите сега изнесува 5,8 милијарди долари, во споредба со 5,3 милијарди долари во 2025 година.
Најмногу милијардери има во Соединетите Американски Држави – 989. Кина има 610, Индија 229, а Русија 155.