Илјадници во Данска протестираат против Трамп: „Рацете подалеку од Гренланд“

Илјадници демонстранти денеска се собраа низ цела Данска во знак на солидарност со Гренланд, поради заканите на американскиот претседател Доналд Трамп дека би можел да го анектира арктичкиот остров. Протестите беа насочени кон барањето Соединетите Американски Држави да го почитуваат правото на самоопределување на Гренланѓаните.

Трамп тврди дека Гренланд е клучен за безбедноста на САД поради неговата стратешка позиција и големите резерви на минерали, при што не ја исклучи ниту можноста за употреба на сила за негово преземање. Во текот на оваа недела, европски земји испратија воен персонал на островот на барање на Данска.

Со извици „Гренланд не е на продажба“ и држејќи транспаренти со пораки како „Рацете подалеку од Гренланд“, заедно со црвено-белото гренландско знаме „Ерфаласорпут“, демонстрантите се собраа на плоштадот пред градското собрание во Копенхаген, по што маршираа кон американската амбасада.

„Гренланд стана прва линија на одбраната на демократијата“

„Многу сум благодарна за огромната поддршка што ја добиваме како Гренланѓани. Истовремено испраќаме порака до светот дека сите мора да се разбудат“, изјави Јули Радамacher, претседателка на организацијата Уагутa, која ги обединува Гренланѓаните во Данска.

„Гренланд и Гренланѓаните, без своја волја, станаа првата линија во борбата за демократија и човекови права“, додаде таа.

Видео-снимки на Ројтерс покажуваат илјадници демонстранти, но организаторите и полицијата одбија да дадат официјална проценка за бројот на учесници.

Протести се одржаа и на други локации низ Данска, а подоцна во текот на денот се најавени и во Нук, главниот град на Гренланд. Повторените изјави на Трамп за островот предизвикаа сериозна дипломатска криза меѓу САД и Данска, двете земји основачки на НАТО, и наидоа на широка осуда во Европа.

Гренландските политичари: Подобро во Данска отколку во САД

Гренланд, со околу 57.000 жители, со векови се управува од Копенхаген. Од 1979 година има широка автономија, но останува дел од Кралството Данска, кое ги контролира одбраната и надворешната политика и го финансира најголемиот дел од јавната управа.

Сите пет политички партии застапени во гренландскиот парламент на долг рок ја поддржуваат независноста, но не се согласуваат околу временската рамка. Во последните денови тие порачаа дека би претпочитале да останат дел од Данска, отколку да се приклучат кон Соединетите Американски Држави.

Ни Американците не ја поддржуваат анексијата

Протестите во Данска беа организирани од гренландски здруженија во соработка со невладината организација ActionAid Denmark.

„Бараме почитување на Кралството Данска и правото на Гренланд на самоопределување“, изјави Камила Зизинг, претседателка на Инуити – заеднички сојуз на гренландски локални здруженија во Данска. Според официјалните податоци, во Данска живеат околу 17.000 Гренланѓани.

Според анкетата на Ројтерс/Ипсос, само 17 отсто од Американците ги одобруваат напорите на Доналд Трамп за преземање на Гренланд, додека големо мнозинство – и демократи и републиканци – се против употреба на воена сила за анексија на островот. Трамп ја оцени анкетата како „лажна“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни