Илјадници работници се одзваа на повикот на ССМ за протест за зголемување на платите

Протестот доби поддршка од повеќе синдикални организации од различни сектори, како и од дел од опозициските партии.

Неколку стотици граѓани попладнево се приклучија на протестот организиран од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), кој започна во 17 часот пред зградата на ССМ во Скопје. Протестот се одржува под мотото „Без договор на маса – протест на улица“, а централно барање е зголемување на минималната плата на 600 евра, како и линеарно зголемување на сите останати плати.

На протестот активно учествуваат и вработени во полицијата, откако Македонскиот полициски синдикат (МПС) донесе одлука да се приклучи на синдикалниот марш. Од МПС информираа дека ја поддржуваат иницијативата на ССМ за зголемување на платите за најмалку 6.000 денари, преку зголемување на минималната плата, но и бараат покачување од 20 отсто за вработените во МВР, АНБ, Агенцијата за разузнавање и Управата за финансиска полиција.

„Без достоинствени плати нема мотивирани работници“, порачаа од синдикатот, повикувајќи на масовно и достоинствено учество на протестот.

Протестната колона маршира од Работничкиот дом кон Собранието, Стопанската комора и ќе заврши пред Владата. Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, изјави дека протестот е резултат на двегодишни неуспешни преговори со Владата и работодавачите и дека „ако работниците не се слушнати на маса, ќе мора да бидат слушнати на улица“.

Синдикатите предупредуваат дека минималната плата од 24.379 денари не ги покрива основните животни трошоци и дека е повеќе од двапати пониска од синдикалната потрошувачка кошница. Тие посочуваат и дека додека работничките плати стагнираат, платите на функционерите растат со значително побрзо темпо.

Протестот доби поддршка од повеќе синдикални организации од различни сектори, како и од дел од опозициските партии. Од Владата, пак, повторија дека законското зголемување на минималната плата ќе се случи во март, додека премиерот Христијан Мицкоски оцени дека зад протестите стојат и политички мотиви.

ССМ најави дека доколку нема конкретен одговор на барањата, синдикалниот притисок ќе продолжи и во наредниот период.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни