Илјадници без струја и вода во замрзната Украина: „Животот во Киев стана ужасен“

По новите руски напади врз енергетиката, илјадници граѓани во Украина се без струја и вода, додека студот ја влошува хуманитарната состојба.

По обновувањето на руските напади врз енергетската инфраструктура, илјадници граѓани во Украина останаа без струја, вода и греење, токму во ек на силен студен бран. Претседателот Володимир Зеленски соопшти дека повеќе од 200 екипи работат на обновување на електроснабдувањето во Киев и другите погодени региони.

Само во главниот град, над 1.100 станбени згради сè уште се без електрична енергија. Властите отворија загреани прифатни центри и јавни кујни, додека се увезуваат дополнителни генератори за да се ублажат долгите прекини.

Најкритично во Киев, Харкив и Суми

Зеленски информира дека најтешка е состојбата во Киев и околината, Харкив, Суми и Полтава, а сериозни проблеми има и во регионите Днипро и Черкаси. Тој најави ангажирање дополнителен персонал и ротација на работниците, нагласувајќи дека екипите се исцрпени.

Дел од жителите биле принудени да ја поминат ноќта во метро-станиците во Киев, каде поставувале и импровизирани шатори за заштита од екстремниот студ.

Во Харкив, една електрана е тешко оштетена, додека украинските власти соопштија дека и термоцентралата „Дарница“ во Киев е сериозно погодена, поради што целосната санација ќе потрае.

„Ова не е нормален живот“

Психологинката Ирина Вовк од Киев за Би-Би-Си изјави дека размислува да се пресели со ќерката во село, бидејќи животот во главниот град станал неподнослив.

„Животот во Киев е ужасен. Ова не е нормален живот. Детето не може нормално да учи, ниту да следи онлајн-настава“, вели таа.

Жртви низ целата земја

Украинските воздухопловни сили соопштија дека земјата била нападната со повеќе од 100 дронови, при што иако дел биле соборени, последици имало на 14 локации.

Во градот Дружкивка, во источна Украина, седум лица загинаа, а 15 беа повредени во напад со касетна муниција. Жртви има и во Дњипропетровската област и Запорожје, каде меѓу повредените има и деца.

Реакции и мировни разговори

Британскиот премиер Кир Стармер ги оцени нападите врз енергетиката при температури до –20 степени како „варварски и особено сурови“. Во меѓувреме, американски, украински и руски претставници повторно се среќаваат во Абу Даби, но засега нема знаци за напредок, особено околу спорното територијално прашање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни