Телефонските линии за помош на морнарите се преплавени со пораки од екипажи заглавени во Персискиот Залив поради војната на Блискиот Исток, кои очајно бараат репатријација, отштета и обновување на залихите на бродовите, пишува Франс прес.
Еден морнар испратил итно известување до тимот за поддршка на Меѓународната федерација на транспортни работници, предупредувајќи дека бродот на кој се наоѓа се соочува со критичен недостиг од залихи, како и со здравствени проблеми кај еден член од екипажот. Во пораката било побарано итно да се достават храна, вода за пиење и основни потрепштини за екипажот.
Од ITF соопштиле дека по ескалацијата на војната против Иран примиле повеќе од илјада имејлови и пораки од поморци заглавени околу Ормутскиот Теснец и пошироко во регионот. Конфликтот започна на 28 февруари со американско-израелски напади врз Иран, по што Техеран возврати со напади врз Израел и инфраструктура во земјите од Заливот.
„Владее голема паника“
Некои морнари барале појаснување за своите права додека пловат низ воена зона, додека други испраќале видеа од бомбардирања во непосредна близина на нивните бродови, барајќи помош од федерацијата за да го напуштат пловилото, според документите на ITF во кои увид имал AFP.
Според Мохамед Арашеди, мрежен координатор на ITF за арапскиот свет и Иран, состојбата во регионот е вонредна и проследена со силна паника меѓу морнарите. Тој посочува дека до него постојано пристигнуваат повици, често и во доцните ноќни часови, веднаш штом екипажите ќе добијат пристап до интернет.
Како што пренесува, дел од тие повици доаѓаат од морнари кои се наоѓаат во непосредна близина на бомбардирања и во очај бараат помош за да бидат извлечени од бродовите. Според неговиот опис, станува збор за исклучително тешка и шокантна состојба во која екипажите стравуваат за сопствениот живот.
Многумина не можат да се вратат дома
Според податоците на агенцијата за поморство на Обединетите нации (IMO), околу 20.000 морнари моментално се заглавени во Заливот, а најмалку осум морнари или пристанишни работници загинале во инциденти во регионот од 28 февруари наваму. Целата кореспонденција била споделена со AFP под услов на анонимност, бидејќи линијата за помош гарантира доверливост.
Меѓународниот преговарачки форум (IBF), глобално тело за работни односи во поморството, ја прогласил таа област за воена зона. Тоа на морнарите вообичаено им дава посебни права, вклучително и репатријација на трошок на компанијата и двојна плата за оние што работат на бродови опфатени со договорите на IBF, што се околу 15.000 пловила ширум светот.
Сепак, многу под нив особено на бродови што немаат такви договори, пријавуваат тешкотии при враќањето дома. Се појавуваат случаи каде операторите на бродот ги игнорира барањата на екипажот да замине, тврдејќи дека нема летови од Ирак и одбивајќи алтернативни рути.
Меѓународната мрежа за добросостојба и помош на поморците (ISWAN), уште една организација што има линија за помош, соопшти дека од почетокот на војната забележала „раст на повици и пораки од 15 до 20 проценти“, при што една третина се однесуваат на проблеми со репатријација.
Платите се уште една голема причина за незадоволство
Друг голем извор на незадоволство кај морнарите се платите. Се наведува дека многу морнари одлучуваат да останат на бродот и покрај опасните услови затоа што не можат да си дозволат да заминат.
Морнарите во дел од бродовите прашуваат дали дневница ќе се зголеми од 16 на 32 долари поради престојот во воена зона. ITF истакнува дека толку ниските плати укажуваат дека бродовласниците немаат работни договори што обезбедуваат пристојни примања.
Морнарите без вакви договори се особено ранливи, бидејќи нивните договори често не ја покриваат работата во воени зони, а сопствениците на бродовите обично не одговараат на барањата од организации како ITF. Во такви случаи, ITF им се обраќа на државите под чијашто застава плови бродот или на пристанишните власти во земјата каде што се наоѓа бродот.