Објавен е вториот роман од серијалот за Илина: „Илина и тајните на Бабин Заб“

Новото продолжение на Хана Корнети во издание на „Или-Или“ ја продлабочува магијата, растењето и двојниот свет на јунакињата.

Во едицијата „И ете приказна“ на издавачката куќа „Или-Или“ објавен е вториот роман од трилогијата посветена на авантурите на Илина – „Илина и тајните на Бабин Заб“ од авторката Хана Корнети. По успехот на првиот дел, „Илина и шумските тролови“, кој остави силен впечаток кај помладата публика, читателите со возбуда го дочекаа продолжението.

Романот повторно ја следи Илина во нејзиниот двоен живот: во секојдневието дома и на училиште, и во волшебниот свет во кој таа постепено ги открива тешкотиите, моќите и одговорностите што ги носи вештерството. Авторката умешно гради нови слоеви на приказната – од мистични ликови и предизвици, до интимни прашања што ги допираат чувствата на децата, осаменоста, семејните динамики и процесот на самоспознавање.

„Илина е истото умно и пресамоуверено девојче во кое се заљуби читателската публика. Но тука е можеби малку позрела, со што серијалот го зацврстува своето место во традицијата на Bildungsroman, односно ‘coming of age’ приказните“, истакнува уредникот на изданието, Ведран Диздаревиќ.

Корицата повторно ја потпишува дизајнерката Александра Софрониеска, која и во ова продолжение создава визуелен свет што ја следи атмосферата на романот. Промоцијата на книгата ќе се одржи во пресрет на новогодишните празници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни