Сместена на врвот Серо Паќон во Андите, Чиле, опсерваторијата се очекува официјално да го започне научното работење на 4 јули, кога ќе се случи т.н. „first light“ – првото светлосно набљудување. Опсерваторијата е заеднички проект на Националната фондација за наука на САД (NSF) и Министерството за енергетика.
„Оваа опсерваторија ќе собере повеќе податоци за универзумот отколку сите досегашни оптички телескопи заедно“, изјави Брајан Стоун, вршител на должност директор на NSF.
Камера што снима вселена како филм
Телескопот Simonyi Survey, со огледало од 8,4 метри и најголемата камера некогаш направена, има исклучителна брзина и прецизност што му овозможува секоја ноќ да прави илјадници фотографии. Научниците истакнуваат дека Rubin ќе биде клучен за откривање и следење на потенцијално опасни објекти, како меѓуѕвездени комети и астероиди во близина на Земјата.

Меѓу првите објавени снимки е и кратко видео составено од над 1.100 фотографии. Започнува со детали од две галаксии, а потоа „одзумува“ за да прикаже дури 10 милиони галаксии – што е само 0,05% од 20-те милијарди кои ќе бидат документирани во наредната деценија.
Во еден од најимпресивните мозаични прикази досега, опсерваторијата забележа и облаци од гас и прашина во маглините Трифид и Лагуната – региони каде се раѓаат ѕвезди, сместени во соѕвездието Стрелец.
„Овој телескоп има толку широк агол и брзина на снимање, што чувствувате како да гледате филм од ноќното небо“, вели д-р Сандрине Томас, научничка во проектот.
Револуција во астрономијата
Според Националната фондација за наука, земјанските и вселенските телескопи откриваат околу 20.000 астероиди годишно, но Rubin би можел да открие милиони уште во првите две години. Првите откриени астероиди не претставуваат закана за Земјата, но со секојдневните опсервации ќе се зголеми нашето знаење за движењата и потенцијалните ризици од објекти во Сончевиот систем.
Што следува?
Очекувано е опсерваторијата да стане најмоќниот алат за набљудување на јужното небо и галактичкиот центар на Млечниот пат. Камерата, огледалата и софтверот на Rubin ќе овозможат невидена комбинација на длабочина и широчина на космички податоци – отворена за сите истражувачи во светот.
Со оваа нова ера на набљудување, човештвото добива шанса да ја види вселената како никогаш досега.