Илјадници луѓе се евакуирани од своите домови и хотели на грчкиот остров Родос откако пожарите зафатија неколку делови од островот. Во изјава за Би-Би-Си, грчката противпожарна служба се извини за, како што го нарече „хаосот“ на островот.
Пожарникарите ги опишуваат пожарите како најтешките со кои се соочиле. Имено, од вторникот островот е „освоен“ од пожари поддржан од силни ветрови. Повеќе од 3.500 луѓе беа евакуирани по копно и море на безбедно. Според информациите од Министерството за климатски кризи и цивилна заштита во Грција, нема пријавени повредени.
Тие нагласија дека туристите се безбедно евакуирани од погодените области на Родос – кои претставуваат помалку од 10 отсто од туристичкото сместување на островот – и се пренасочуваат во други хотели на островот. Пет хеликоптери и 173 пожарникари работат во областа, а три хотели во областа Киотари пријавиле штета од пожар. Зафатени беа и областите Лаерма, Лардос и Асклипио.
Приватни чамци ѝ се придружија на грчката крајбрежна стража за да помогнат во евакуацијата на луѓето од плажите на истокот на островот. Тие објавија дека бродови на грчката морнарица пловеле и кон областа популарна кај туристите.
Заменик-началникот на пожарникарската служба Јоанис Артофиос рече дека траектот е достапен за сместување на луѓе. Останатите се сместени на затворен стадион на островот. Артофиос додаде дека пожарникарите често имаат потешкотии на Родос поради неговата богата вегетација, што го прави атрактивна туристичка дестинација.
Али Ли Руан од Северна Ирска, кој е во Родос на меден месец со неговата сопруга Розалин, изјави за „Би-би-си“ дека се чувствувале напуштено од туристичката агенција и дека не добиле „повеќе информации“. „Денес бевме евакуирани од хотелот околу два часа и немавме комуникација ниту со туристичката агенција, ниту со нашиот хотел, ништо“, рече тој.
Заменик-градоначалникот на Родос Константинос Тараслиас изјави дека промената на ветерот вчераутро овозможила пожарот да се прошири и да стигне до туристичките области. Откако избувна во планинскиот регион во вторникот, пожарот опустоши големи површини шума.
Пожарникарите од Словачка пристигнаа во саботата на Родос за да им помогнат на локалните тимови во гаснењето на пожарот. „Ситуацијата на Родос е сериозна и исклучително тешка. Поради силниот ветер и брзата промена на правецот на пожарот, пожарникарите мораа да се повлечат и да се преместат“, објави на Фејсбук словачката противпожарна и спасувачка служба.
Грција се соочува со уште поинтензивни горештини овој викенд, а метеоролозите предупредуваат дека температурите би можеле да се искачат и до 45 степени Целзиусови. Може да се претвори во најтоплиот јулски викенд во Грција во последните 50 години, изјави еден од водечките метеоролози во земјата.
Пожарникарите продолжуваат да се борат со десетици пожари ширум земјата. Областа западно од Атина е меѓу најпогодените области, заедно со Лаконија во јужниот дел на Пелопонез и островот Родос. А властите предупредуваат на многу висок ризик од нови пожари бидејќи температурите продолжуваат да растат.
На луѓето им се советува да останат дома, а туристичките места – вклучително и античкиот Акропол во Атина – ќе бидат затворени во текот на најжешките делови во следните два дена. Грција – како и многу други европски земји – доживеа продолжен период на екстремни горештини на почетокот на овој месец.
Извор: Index.hr