Иконите се враќаат дома – приказна за пријателството и отворените општества

Во текот на целиот ден вчера (15 декември 2023), можевме, најпрво од Тирана, а подоцна и од Музејот на Македонија во Скопје, да го следиме патот дома на дваесетте икони од струшко, охридско, дебарскиот и реканскиот крај. Овие икони, украдени од македонските цркви и манастири, вклучуваат и дела на прочуениот Дичо Зограф – македонски иконописец, претставник на дебарската школа, еден од најпознатите икони и фреско-сликари на Балканот во 19-век.

Во период кога Обединетото Кралство и Хеленската Република, ги доведоа дипломатските односи во многу незавидна положба заради делот од акрополскиот фриз, кој се наоѓа во Велика Британија, а за кој Хеленската Репбулика (со право) бара да биде вратен онаму каде што припаѓа, Северна Македонија и Албанија, успеваат да создадат пријателски односи кои овозможуваат рестирурцијата (враќањето) на иконите – да се случи со насмевка.

Симболично предавање на македонските икони, на фотографијата министерките за култура на Северна Македонија и Албанија Бисера Костадиновска – Стојчевска и Елва Маргарити;
фото: Ангел Ангеловски

Иако, овде на Балканот како да навикнавме да бидеме оние кои примаат совети за и часови по создавање на добри меѓународни односи на глобално и регионално ниво, овој пат Македонија и Албанија одржаа лекција за тоа како соседни земји можат, како за инает на балканските стереотипи и предрасуди, да бидат искрено пријателски. Очигледно Западен Балкан, од темна дупка на работ на Европа, станува Отворен Балкан на отворени општества, кој може да му намигне и на британскиот премиер, како се решаваат состојби поврзани со движното културно наследство.

фото: Драгана Басекиќ

По пристигнувањето во Скопје, Министерката за Култура Бисера Костадиновска – Стојчевска, во гостување на Канал 5 телевизија објасни каков ќе биде понатамошниот живот на овие икони: тие ќе поминат процес на конзервација и потоа ќе бидат изложени за пошироката јавност. „Тие претставуваат заштитено културно добро и ќе се погрижиме да го вратиме сјајот кој што го имаат за цела јавност да ги види.“

фото: Ангел Ангеловски

Иконите се македонско национално богатство, но во исто време се и во сопственост на МПЦ. Според Министерката, уште 37 икони се препознаени дека се со потекло од нашата држава, како и дека за 33 од нив веќе е испратена документација за нивно враќање. Таа додаде и дека процесот за нивно враќање веќе е познат и сега ќе биде многу побрз: „Ќе се вратат тука во Музеј на Северна Македонија каде што повторно ќе го поминат процесот на конзервација и реставрација и повторно исто така ќе бидат изложени пред да и бидат вратени на црквата бидејќи тие се нивно сопствеништво. Ќе бидат вратени во црквите каде што се земени. Има неколку од охридско, Радожда и други цркви од тој крај и сите ќе бидат вратени од каде што се украдени.“

Претставници на МПЦ, присуствуваа на моментот на пристигнување на иконите во Скопје, фото: Драгана Басекиќ

Стручните музејски работници ги преземаа иконите веднаш по нивното пристигнување и следи преиод на нивна целосна заштита, консервација и реставрација. Останува да се надеваме дека и МПЦ ќе се потруди иконите соодветно да бидат заштитени и чувани за да останат како вредност и за идните генерации.

фото: Драгана Басекиќ

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни