Театар
„Претставите кои ме фасцинираа во младоста се ‘Маме му ебам кој прв почна’ и ‘Мурлин Мурло’. Ова се дела кои го обликуваа мојот уметнички пат. Во средношколските години, околу 1994-1996, кога навистина се одеше на театар, мојата професорка по македонски јазик ми ја разбуди љубовта кон театарот и читањето книги. Најмногу одев во стариот МНТ, каде се играа незаборавни претстави. Од тие години, ‘Маме му ебам кој прв почна’ остави најголема трага во мене. Претставата ги одбележа најдобрите актери од тоа време, кои и денеска продолжуваат да создаваат во театарот. Исто така, на ФДУ подоцна ја открив и претставата ‘Мурлин Мурло’.
Филмови
„Секој период од мојот живот е обележан со по еден филм. Еден од моите омилени филмови сега е ‘Догмен’ на Матео Гароне, италијански филм кој продолжува една традиција на неореализам. Ме фасцинираат главните ликови кои не се ниту позитивци ниту негативци – вистински луѓе извадени од секојдневниот живот. Овие ликови ги поврзувам со оние од расказите на Чехов и Хемингвеј – автори кон кои секогаш се враќам.
Кога бев дете, бев фасциниран од авантуристички филмови како ‘Гуниси’ на Спилберг, додека во средно училиште веќе имав сосема поинакви погледи за светот на филмот.
Книги
„Во средно училиште го открив Херман Хесе, а на факултет го открив Достоевски, Чехов и Хемингевј. Нивните дела постојано ме водат и инспирираат и до ден денес. Има еден расказ на кој повторно се вратив, „Престолнината на светот“ од Ернест Хемингвеј, кој ја претставува атмосферата на еден стар, напуштен хотел во Шпанија. Во него се собираат различни ликови, како проститутки и пропаднати тореадори, сите потопени во културата на борба со бикови. Особено моќна е сцената каде келнерчињата, кога им е досадно, ја вртат столицата наопаку, врзуваат два ножа за нејзините ногарки и, преку чаршафот од масата, симулираат корида. За жал, во еден таков сплет на несреќни околности, еден од нив случајно му ја пресекува артеријата на другиот.
Овој расказ, кој секој пат кога му се враќам го гледам како филм, е генијален во својата едноставност и длабочина. Се поставува прашањето зошто никој досега не го адаптирал на големото платно. Храброста, гордоста и духот на тореадорството се маестрално прикажани, создавајќи слика на една сосема уникатна и хипнотизирачка реалност“.
Музика
„Музиката е друга важна компонента во мојот живот. Секогаш со драго срце ги слушам Гогољ Бодело, украински џипси панк бенд кои живеат и работат во Њујорк, потоа Чарлс Мингус, Мајлс Дејвис, Пијан Славеј… Посебно ми значи песната ‘Lament for Javanet’ од Дјук Елингтон – секогаш кога ја слушам, ми отвора срце и создава лавина од емоции. Една од централните песни во мојата нова монодрама е ‘Autumn Leaves’ од Ерик Клептон. Оваа монодрама ќе биде нешто што многу ми значи и ќе обележи важен период од мојот живот. Преку оваа интерактивна претстава зборувам за депресијата, справување со неа и важноста на барањето помош.“
Што има ново?
Во својата нова монодрама „Сите најубави нешта“, Игор Ангелов создава длабоко интимно и емотивно дело што го одразува периодот во кој самиот живее и создава. Претставата, која има интерактивен пристап, е насочена кон актуелни теми како што се депресијата и справувањето со неа, како и проблемот со самоубиствата, кои се сè почести во денешното општество. И покрај тежината на темите, Игор вели дека ја користи хумористичната нишка за да го олесни пристапот до публиката, создавајќи простор за разговор и рефлексија.
Централната точка на претставата е списокот на „најубавите нешта на светот“ што главниот лик ги прави во различни фази од својот живот. Од детството, преку тинејџерските години, до зрелоста – секој период носи различни вредности и приоритети. Оваа драматична структура не само што отвора дискусија за тоа како личните идеали се менуваат со текот на времето, туку и ги покренува прашањата за важноста на комуникацијата и потребата за помош во тешки моменти. Публиката активно учествува во текот на претставата, што и дава уникатен облик на психодрама, овозможувајќи им на гледачите да се поврзат и да бидат дел од приказната.
Со музичката подлога како клучен елемент, песната „Autumn Leaves“ од Ерик Клептон добива централно место, создавајќи силен емотивен амбиент што ги носи гледачите низ различни моменти од животот на главниот лик. Претставата не само што е уметнички израз на актерот, туку е и општествен апел за потребата од емпатија и разбирање
Серии
„Сериите исто така заземаат важно место во моето секојдневие. Од класиката ‘Третиот камен од сонцето’ до новите продукции како ‘Бесрамни’ и македонската серија ‘Преспав’, која го собира целиот народ пред екраните. Но, сепак, филмот како медиум ми е поблизок и поскап, затоа што сериите понекогаш се развлечени и го губат фокусот.“
Фотографии: Надица М. Ангеловски