Претставата „Ифигенија за ништо“ по текстот „Ифигенија од Авлида“ од Еврипид, се работи со адаптација, режија и кореографија на Филип Петковски. Сценографијата ја подготвува Мартин Манев, костимограф е Антонија Гугинска Јорданоска. Музиката во претставата е на композиторот Борис Харфман од Хрватска. Фотографијата е на Марко Марјановиќ. Инспициент на претставата е Жарко Намичев и суфлер Милка Анчевска.
Во драматуршката белешка режисерот Филип Петковски наведува: „Претставата дава современ и постдрамски пресврт на приказната на Еврипид. Со поставување на наративот во современото општество во кое живееме се прави паралела помеѓу антиката и современото доба во кое живееме. Оваа адаптација се обидува да ја истакне безвременската природа на овие теми и нивната важност во денешниот свет“.
Ликовите во претставата „Ифигенија за ништо“ ги играат актерите на Драмски театар :
АГАМЕМНОН: Димитрија Доксевски
МЕНЕЛАЈ: Филип Трајковиќ
КЛИТЕМНЕСТРА: Јелена Жугиќ
ИФИГЕНИЈА: Нина Елзесер
АХИЛ: Стефан Вујисиќ
АРТЕМИДА: Сара Климоска
ОРЕСТ: Марјан Наумов
ДЕЧКОТО/СВЕТИОТ ЕЛЕН: Томислав Давидовски
Хорот го сочинуваат актерките Ивана Павлаковиќ, Ања Митиќ, Јована Спасиќ, Александра Павлова Бубања и како гостин, Јована Миладинова.
„Ифигенија за ништо“ е првата претстава што почнува со процесот на работа по објавувањето на Годишната програма за 2025 година. Премиерата е планирана за почетокот на април.
Од Драмски театар потсетуваат дека до 20 февруари е во тек конкурсот за доделување на награда „Горан Стефановски“ за најдобар драмски текст од македонски млад автор. Пријавувањето и условите на Конкурсот се објавени на веб страната на театарот. Конкурсот има за цел да ја афирмира современата македонска драма, да го поттикне македонското драмско творештво и да го одржи континуитетот на македонското драмско писмо.