Фридрих Мерц, идниот германски канцелар и лидер на Христијанско-демократската унија (CDU), предупреди дека трговската политика на американскиот претседател Доналд Трамп го зголемува ризикот од нова финансиска криза.
„Следната финансиска криза сигурно ќе дојде. Само не знаеме кога и зошто“, изјави Мерц во интервју за германскиот весник Handelsblatt и додаде: „Политиките на претседателот Трамп ја зголемуваат веројатноста таа криза да се случи порано отколку што очекуваме.“
Мерц особено се осврна на новиот царински режим на Трамп, кој последните десет дена ги потресе глобалните пазари поради страв од рецесија. Трамп подоцна ги ублажи некои од најавените мерки и во петокот ги иззема паметните телефони, компјутерите и другата електроника од системот на возвратни царини.
Мерц, кој минатата недела постигна коалициски договор со Социјалдемократската партија (SPD), планира да ја преземе функцијата на 6 мај. Во интервјуто најави дека негов приоритет ќе биде нов трансатлантски трговски договор без царини, како и склучување билатерални договори со држави како Канада, Јужна Кореја и Индија.
Запирањето на преговорите за TTIP (Трансатлантски трговски и инвестициски договор) во 2010-тите го нарече пропуштена шанса. Мерц изјави и дека Германија е отворена за увоз на американски течен гас, што би можело да влијае на енергетската соработка меѓу ЕУ и САД.
Во разговор за Handelsblatt, Мерц нагласи дека Европа мора заеднички да одговори на притисоците од Вашингтон и да ја искористи можноста за клучни внатрешни реформи.
„Најважно е обединување на европските пазари на капитал. Во наредните месеци тука ќе се развие нова динамика“, рече Мерц, повикувајќи се на разговорите со Емануел Макрон, Доналд Туск и Кир Стармер.
Во исто време, Мерц порача дека ги дели некои од ставовите на Трамп, особено во врска со недоволните европски трошоци за одбрана.
„Да, се шлепавме со Американците“, призна Мерц.